Полицијата во Хонг Конг уапси тројца мажи под сомнение за убиство од небрежност во врска со пожарот што избувна во станбен комплекс во Таи По. Портпаролот на полицијата ја потврди информацијата, објави „Си-ен-ен“.
Властите изјавија дека наскоро ќе одржат прес-конференција за да откријат повеќе детали за случајот.
Додека точната причина за брзото ширење на пожарот во Хонг Конг ќе ја утврди специјална полициска работна група, пожарникарите веќе предупредија на една необична и потенцијално клучна околност.
Директорот на противпожарната служба, Енди Јунг, изјави дека неговите екипи забележале полистиренски плочи што ги блокираат прозорците на неколку станови за време на спасувањето. „Овие полистиренски плочи се екстремно запаливи и пожарот се прошири многу брзо“, рече тој. „Нивното присуство беше невообичаено, па затоа го упативме инцидентот до полицијата за понатамошна истрага“, додаде Јунг.
Во меѓувреме, градската управа за домување ќе испита дали заштитните слоеви што се користат за покривање на зградите за време на реновирањата биле доволно отпорни на пожар, објави извршниот директор на Хонг Конг, Џон Ли. „Ќе ги повикаме одговорните на одговорност во согласност со законите и прописите“, рече тој.
Како можен фактор за предизвикување на денешниот пожар, се споменуваат и бамбусовите скелиња, кои се користат во Хонг Конг за обложување на згради, а кои во минатото се наведуваа и како причина за брзото ширење на пожарот.
Противпожарната служба на Хонг Конг се бори со пожар на петто, највисоко ниво на сериозност, прв ваков инцидент за 17 години. Алармот беше подигнат на четврто ниво во рок од само 40 минути од првиот извештај, а три и пол часа подоцна, во 18:22 часот по локално време, беше ескалиран на највисоко ниво.
Според извештаите на локалните медиуми, ситуацијата на терен е дополнително усложнета од експлозиите што одекнуваат онвнатре во зградите. Пожарникарите се соочуваат и со проблеми во гаснењето на пожарот бидејќи нивните црева тешко се стигнуваат до горните катови на засегнатата зграда.












