вторник, октомври 20, 2026
Дома СВЕТ Уапсен осомничен за подметнување пожар во историско градско собрание во Франција/ВИДЕО

Уапсен осомничен за подметнување пожар во историско градско собрание во Франција/ВИДЕО

24
X screenshot

Француската полициска специјална единица „РАИД“ утринава уапси 40-годишен радикален левичар, осомничен дека намерно предизвикал пожар за време на масовните немири минатиот викенд, при што за малку ќе била уништена историската градска куќа во Лимож, пренесуваат француските медиуми.

Апсењето се случило утринава, во градот Вал-д’Изоар. Според медиуми како „Антреви“ (Entrevue) и „Полис е Реалите“ (Police & Réalités), кои се повикуваат на полициски извори, приведениот е радикален левичарски активист кој веќе бил заведен во евиденцијата на државната безбедност под ознаката „Fiche S“ – категорија резервирана за радикализирани поединци кои претставуваат закана за националната безбедност.

Тој ѝ бил познат на полицијата и претходно, поради насилно однесување и напади врз службени лица.

Осомничениот радикален левичар е идентификуван како клучна фигура зад подметнувањето на пожарот во Лимож за време на саботните демонстрации, кои прераснаа во бран на улично насилство. Пожарот целосно го зафатил покривот и предизвикал уривање на кулата на зградата, која била изградена во 1883 година.

Колкави се штетите на историската градска куќа?

Станува збор за 143-годишна зграда која неоштетена ги преживеала Втората светска војна и нацистичката окупација, а  градоначалникот Гијом Герен ја спореди големината на оваа катастрофа со пожарот што ја зафати катедралата Нотр Дам во Париз во 2019 година.

Во моментов, локалното јавно обвинителство во Лимож и полициската Поддирекција за борба против тероризмот (SDAT) спроведуваат истрага против уапсениот левичарски екстремист, под сомнение за „уништување имот со употреба на опасни средства, како дел од организирана група“.

Со оглед на профилот на осомничениот и сериозноста на нападот врз една француска државна институција, судски извори наведуваат дека Националното обвинителство за борба против тероризмот (PNAT) сериозно размислува да го преземе целиот случај.

Ова апсење доаѓа во услови на интензивна политичка конфронтација по хаосот во саботата, кога повеќе од половина милион луѓе излегоа на улиците во француските градови.

Протестите на студентите и синдикатите – поттикнати од влошувањето на образовниот систем и високите трошоци за живот – прераснаа во најтешките немири во поновата француска историја, при што беа уништени над 1.500 продавници, а 2.000 лица беа уапсени.

Францускиот премиер Себастиен Лекорну и високи полициски претставници веднаш ги посочија „ултралевичарските“ и анархистичките групи, обвинувајќи ги дека ги искористиле мирните протести како параван за организирана војна против државата и обид за соборување на уставниот поредок.

ИЗДВОЕНИ