Уапсен криминалец, бегалец од Бих: Се криел повеќе од 20 години, а имал 29 идентитети

167
EPA-EFE

По повеќе од 20 години криење низ целиот свет, Лионел Димон, осуден криминалец за воени и други злосторства во Босна и Херцеговина и Франција, е уапсен во Грција, потврди Politicki.ba.

Интерпол ги извести властите на Босна и Херцеговина за неговото апсење, а Министерството за правда на Босна и Херцеговина моментално подготвува документација за негова екстрадиција.

Димон е од француско потекло, роден во христијанско семејство, но се преобратил во ислам во 1990-тите и дошол во Босна и Херцеговина, каде што се приклучил на муџахедински одред за време на војната. Сепак, неговиот живот потоа беше обележан со низа сериозни злосторства.

Тој беше осуден за убиство на полицаец во Босна и Херцеговина, за што беше осуден на 20 години затвор, но избега од затворот во Сараево на 26 мај 1999 година.

Сега, на 54-годишна возраст, тој беше уапсен во грчкиот град Хераклион, и тоа случајно – за време на рутинска проверка. Тој имал дури 29 лажни идентитети и три различни државјанства, вклучувајќи француско, италијанско и туниско.

Интерпол БиХ претходно издаде црвена потерница по него откако убил чувар на продавница за време на вооружен грабеж во 1996 година. Покрај потерницата, тој беше ставен и под посебни мерки за надзор од причини за јавна безбедност, како и национална забрана за влез во неколку земји.

Грчката полиција соопшти дека апсењето го извршиле припадници на Одделот за кривични истраги во Хераклион и Полициската управа на аеродромот во Хераклион, во соработка со Интерпол.

Димон претходно беше уапсен во Франција во 2004 година, каде што беше осуден на 25 години затвор во 2007 година, но успеа да избега и од француски затвор.

После тоа, тој со години избегнувал правда, движејќи се низ различни земји низ светот – вклучувајќи ја и Јапонија, каде што живеел извесно време.

Неговото апсење сега отвора можност, по децении бегство и користење бројни лажни идентитети, тој конечно да се соочи со правдата во Босна и/или Франција.

ИЗДВОЕНИ