вторник, јануари 27, 2026
Дома СКОПСКА Тврдината ќе биде жива културна сцена на градот           

Тврдината ќе биде жива културна сцена на градот           

32

Скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, заедно со министерот за култура и туризам Зоран Љутков, проф. д-р Драги Митревски и претставник од Управата за заштита на културното наследство, денеска направија обиколка и извршија детален увид на локалитетот Скопско Кале, со цел јасно да ја согледаме актуелната состојба и реалните можности за негово понатамошно активирање во рамки на визијата Скопје – Европска престолнина на културата.

-Како градоначалник на Град Скопје, имам јасна и недвосмислена цел која подразбира целосно отворање на просторот на Скопското Кале, негово внимателно, стручно и одговорно приспособување, и ставање во активна функција за културни и уметнички содржини, со апсолутно почитување на историските слоеви и автентичното културно наследство – изјави Ѓорѓиевски.

Тој додаде дека низ светот постојат бројни позитивни примери каде објекти со силна историска и симболична вредност се целосно интегрирани во современиот културен живот како сцени за театар, музика, изложби и современи уметнички перформанси.

-Тие се живи простори во кои се води постојан дијалог меѓу античкото наследство, османлискиот период и современите уметнички изрази.   Токму ваквиот пристап овозможува не само заштита, туку и активна, смислена интерпретација на културното наследство. Просторот добива нова, современа културна улога во служба на граѓаните, уметниците и посетителите на нашиот град  – смета Ѓорѓиевски.

Скопскиот градоначалник наведе дека Скопското Кале е еден од најзначајните културно-историски симболи на Скопје и оти е сведок на нашата цивилизациска историја и нашата колективна меморија.

-Неговата реафирмација е јавен интерес и обврска кон идните генерации, да им оставиме град кој го почитува минатото, а храбро ја гради својата културна иднина  – заклучи Ѓорѓиевски.

 

ИЗДВОЕНИ