Тиражниот кинески весник „Macao Daily News“ една страница од додатокот за литература и култура насловен „Огледално море“ посвети на поетското творештво на македонскиот поет Славе Ѓорѓо Димоски. Прилогот е проследен со биографски податоци и есеј под наслов „Тежината на поезијата“, со анализа на некои издвоени песни на Димоски.
Во анализата на песната „Камен: Медитација“ преведувачите објаснуваат дека за Димоски, каменот не е само обичен елемент, туку „носител на божественото“. Тие ја истакнуват неговата поетска слика каде „редот е проѕирно сино, а хаосот е бел“, опишувајќи го тоа како фасцинантен спој на балканската духовност и универзалната филозофија.
За метаморфозата пак во песната „Стебло“ кинеската критика многу позитивно реагира на идејата за спојување на човекот со природата. Во текстот се вели дека поетот постигнува состојба на „целосна тишина“ каде човечкото его исчезнува за да стане „сок на дрвото“ и многу потсетува на некои источни филозофии како таоизмот.
Димоски пак, е претставен како „Гласот на Охрид“, притоа споменувајќи ја неговата улога во Струшките вечери на поезијата, дотолку повеќе што кинеските познавачи на литературата особено на поезијата ја ценат Струга за светски центар на поезијата.
Песните на Димоски на кинески ги преведоа Хуанг Фан и Ши Џуншан, двајцата автори со значајно влијание во елитните литературни кругови во Кина.












