Раде Силјан е еден од носечките столбови на македонската култура. Половина век, со неговото творештво, како еден од стожерните автори, тој ги исцртува магистралните текови на македонската книжевност. Силјан е полиграф што оствари и остварува голем дел од најзначајните културни мисии за Македонија, не само како поет, книжевен критичар и антологичар, туку и како уредник, издавач, оштественик и културен деец. Како книжевен критичар пак, тој е и сеизмограф што ги бележеше и ги бележи сите потреси во нашата книжевност, ги одбележа и издигна сите значајни автори за историјата на македонската книжевност, а секогаш посебно заинтересиран да ги поддржи младите. Сократовска, а јавна личност што создаде културен центар на македонската културна елита, што ќе остане забележано во историјата како една ретка појава. Раде Силјан е личност каква што треба да има секоја национална култура.
Ова се само дел од констатациите и пораките што беа искажани вчера на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, на чествувањето 75 години од раѓањето и половина век од објавувањето на првата книга на еден од најзначајните македонски автори на XX и XXI век, Раде Силјан. Настанот „Огледало на вековите“ беше во организација на Катедрата за македонска книжевност и култура, а како што беше кажано, двата јубилеја не се значајни само за творечката биографија на Силјан, туку и за македонската книжевност и култура и нивната историја. Библиотеката за македонска книжевност и култура беше претесна за да ги собере огромниот број почитувачи на ликот и делото на Силјан – академици, универзитетски професори, писатели, ликовни уметници, музичари, историчари, актери, дипломати, филозофи, лекари, режисери, политиколози, правници, педагози, економисти, теолози… И студенти, млади македонисти и воопшто млади книжевни истражувачи. Творештвото на Силјан ги обедини генерациите. Многумина и простум стоеја дури се беседеше за Силјан, се интерпретираа негови стихови и се водеше книжевен разговор со него.
Настанот го отвори деканот на Филолошкиот факултет, проф. д-р Владимир Мартиновски, по што присутните ги поздрави проф. д-р Трајче Стамески, раководител на Катедрата за македонска книжевност и култура, којашто и го осмисли и реализираше централното чествување на големите јубилеи.
– Сакам особено да ја истакнам долготрајната поддршка што Катедрата за македонска книжевност и култура ја добива од Раде Силјан. Таа се препознава преку донации на книги, преку постојана достапност на изданија и преку можноста за објавување научни и книжевни трудови во рамките на издавачката дејност на „Матица македонска“. Станува збор за однос заснован на пријателство и заемна почит кон книгата, кон македонскиот јазик и кон академската работа, граден со децении.Учеството на студентите во денешната програма е особено значајно. Тоа покажува дека добрата книжевност секогаш го наоѓа патот до својот читател и дека делото на Раде Силјан е активен и незаобиколен дел од универзитетскиот живот и од дијалогот меѓу генерациите. Овој настан е резултат и на нивната посветена и одговорна работа, истакна Стамески, меѓу другото.
За творештвото и културните мисии на Силјан, на настанот говореа универзитетските професори Кристина Николовска, Венко Андоновски и Весна Мојсова-Чепишевска.
– „Светиот пат“ е мисијата на великанот Раде Силјан – во Македонија, во македонството како врвен и свет творечки чин, кој длабоко навлегува во суштината, срцевината на мисијата и подвигот на матицата, онаа матица која творечки извира од Силјана, оној Раде Силјан, радосен и силен, оној Силјан кој сите нè поведе пред точно 50 години кон творечкиот поход, поход на човек-институција, предводник на писателската реч и мисла, прв во редовите на македонството, сега, секогаш и во сите времиња…, кажа меѓу другото во својата беседа, Кристина Николовска, којашто се остврна на повеќе сегменти од комплексната творечка личност на Силјан.
Таа и посочи дека Раде Силјан изгради монумент во мисијата на препевно, преводно „помакедончување“, што би рекол Гане Тодоровски. „Мисија – за респект. Точно, Силјановата мисија е – огледало на вековите.“
Венко Андоновски пак, нагласувајќи дека Раде Силјан е еден од најзаслужните за тоа што е тој денес како писател се осврна на заложбите на Силјан како издавач, како некогашен уредник на Третата програма на Радио Скопје, како книжевен критичар и како поет.
– Кога ја формираше „Матица македонска“, очигледно беше дека тоа е направено по углед на „Матица хрватска“, и тоа е надоместување на она што во XIX век се викаше „Матица илирска“ кај Хрватите и беше столб на нивното романтичарско движење и на илиризмот. Силјан бил свесен дека ние во XIX век сме немале „Матица македонска“ како што Хрватите ја имале „Матица илирска“, па во XX век ни го даде тоа задоволство да имаме „Матица македонска“ како што во Хрватска има „Матица хрватска“. Двете „матици“ се две сестри, два столба на две сродни култури – таму се објавуваат најважните нешта. И ден-денес, Раде Силјан има строг критериум за објавување во „Матица македонска“, и така треба и да остане – како што е строг критериумот и во „Матица хрватска“…. Ете, колку е важна културната мисија на Раде Силјан и колку е важно што ја имаме „Матица македонска“, со строг критериум…, нагласи меѓу другото професорот Венко Андоновски.
Осврнувајќи се на влогот на Силјан како некогашен уредник на култната Трета програма на Радио Скопје, Андоновски посочи дека строгиот критериум, тој го имал и порано.
– Раде Силјан е еден од најзаслужните за тоа што денес сум јас во македонската книжевност она што сум. Јас стартував како млад и амбициозен критичар, а Раде Силјан тогаш беше уредник на Третата програма на Радио Скопје, којашто беше место каде што тешко се влегува и според угледот беше „сестра“ на Третата програма на Радио Белград, како што денес „сестри“ се „Матица македонска“ и „Матица хрватска“. Силјан широко ми ги отвори портите како на млад критичар и јас тоа никогаш нема да му го заборавам и нема да можам да му се заблагодарам. Ми објавуваше не само критики, туку и цели есеи, што не беше привилегија за сите луѓе што соработуваа со Третата програма. Благодарение на Силјан, јас, подоцна, откако се слушна за моето име почнав да објавувам критики и есеи и во „Разгледи“. Тоа што сум денес писател, на некој начин му го должам на Раде Силјан и на неговата тогашна исклучително квалитетна програма на Радио Скопје, нагаси Андоновски.
Говорејќи за Силјан како поет, Андоновски нагласи дека неговата поезија се разликува од поезијата на другите македонски поети од четвртата генерација и има најмногу сличности со појавата на Блаже Конески. Меѓу струите на силните метафоричари, како што е Радован Павловски и на силните метонимичари, како Гане Тодоровски, според Андоновски, со својата поезија, Силјан зазема златна средина, со автентична поетика.
Професорката Весна Мојсова-Чепишевска се обрати и како приредувачка на книгата „Лажно време“ – избор од поетското творештво на Раде Силјан, што по повод двата јубилеи, годинава го објави книгоиздавателството „Дијалог“.
– Во неговата поезија се чита едно и современо и севремено тажење/тагување и тихување над сите болки, над сите болести и сите таги и сите премрежја на својот, но и заради својот народ, јазик, семејство, роден крај. Така, слободно може да се каже дека ова негово современо тажење се надоврзува на сите оние тажачки што ги испеа пред него големиот Петре М. Андреевски. На ова Силјаново пеење-тажење се надоврзува и негова песна на/за последниот македонски гуслар. Од секогаш ме мачела мислата зошто Раде Силјан со таков пиетет го зема гусларот за свое поетово „јас“? Дали од тоа што уште како дете ја понесува сликата од дрвената порта од манастирот Св. Јован Претеча (манастир Продром) од село Слепче (Димир Хисар, Битолско) на која невешто и грубо, но со јасни контури е изрезбарена едноструна гусла во рацете на гуслар кој седи во типичната, скрстнозе поза. Дали овој гуслар станува негово петно, крст што сака да го носи на своите плеќи („Човек со ѕвезда на челото“)? Или можеби, заради тоа што во својот генетски код носи нешто од својот предок, ослепениот Самоилов војник. Од тој XI век кога се случува падот на Самоиловото царство, гусларот гусла ли гусла, пее и плаче, се радува и тагува над колективните и лични поетските слики. Гусла ли гусла цели десет века, сè до овој, нашиов, XXI, во кој поетот Раде Силјан како да му го позајмува својот глас и му допушта повторно да запее, истакна Мојсова-Чепишевска, којашто повторно и го отвори прашањето дали го разбравме поетот Раде Силјан.
На настанот, книжевен разговор со Силјан водеа студенти од Катедрата за македонска книжевност и култура, при што беа отворени повеќе важни прашања. Во своите одговори, Силјан, за првпат пред јавноста сподели и детали што се од клучна важност за македонската книжевна историја. Но, едновремено, не ја заборави својата книжевна генерација, како и своите претходници и упати пораки за птомците и за идните генерации творци.
Меѓу другото, на настанот беа презентирани и архивски материјали од најзначајните настани во творечкиот пат на Силјан. Премиерно беше прикажан и видео материјалот „Современиците за Раде Силлајн“ во продукција на Катедрата за македонска книжевност и култура, со учество на: потпретседателот на Македонската академија на науките и уметностите, академик Витомир Митевски, писателот и универзитетски професор, Веле Смилевски, писателите Милован Стефановски и Блаже Миневски и музичарот Драган Мијаловски. Искажувањата опфатени со овој материјал уште еднаш, дополнително говорат за подвигот што Раде Силјан го прави за Македонија со своите културни мисии. Покрај тоа, на настанот, студенти од Филолошкиот факултет интерпретираа и поезија од Силјан, а имаше и музичка програма со антологиски македонски музички нумери.
Настанот „Огледало на вековите“ во организација на Катедрата за македонска книжевност и култура беше централно чествување по повод 75 години од раѓањето и половина век од објавувањето на првата поетска книга на Раде Силјан. Претходно, издавачот „Дијалог“ објави избор од неговата поезија „Лажно време“ и книга со избор од критиките за неговото поетско творештво. Јубилеите на Силјан се чествуваа и во Србија, со објавување избор од неговата поезија во препев на српски јазик остварен од академик Ристо Василевски, во издание на издавачката куќа „Арка“. Пред неполн месец, јубилеите се чествуваа и во Хрватска, со голема манифестација во централната библиотека во Загреб.












