недела, јануари 25, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА ТВ24 дојде до извештајот на СДСМ: Виновници за поразот се политичката состојба...

ТВ24 дојде до извештајот на СДСМ: Виновници за поразот се политичката состојба во државата и притисоците на власта

94

Политичката слика во државата, притисоците од власта и „недовербата што сè уште  ја чувствуваат гласачите кон СДСМ“ , но не и организацијата на партијата за избори. Ова, според извештајот на раководството, до кој дојде телевизијата „24“, а кој на Конгресот на партијата го презентираше генералниот секретар на СДСМ, Александар Саша Димитријевиќ, биле клучните причини што го довеле СДСМ до историски најкатастрофалниот пораз на локалните избори.

Според документот, кој има стотина страници, СДСМ бил добро организиран, со добар тим, со добри пораки, со активности што стигнале до граѓаните и покриеност на сите сектори. А, изборните резултати покажале дека, и покрај зголемувањето на бројот на гласови во дел од внатрешноста, СДСМ бележи загуба на гласовите во Скопје, при што општиот впечаток е стагнација.

Во документот до кој дојде телевизијата „24“ детално е набројано колку состаноци имал Централниот изборен штаб, кои луѓе биле одговорни за одредени активности, но и колку, според извештајот, биле успешни нивните дејства. Во ниту еден момент раководството не смета дека направило нешто погрешно во процесот, но и дека нивната стратегија што се темели на реални политики, била спроведена. Сите сектори тврдат дека биле успешни во активностите, единствено од Форумот на жени и од сега веќе експретседателката Даниела Колева, која поднесе оставка, се нотирани недоволна вклученост на раководството на терен, малку пари и  слаба логистика.

Во извештајот, сепак, функционерите под водство на Венко Филипче признаваат дека, како што стои, во одредени општини имало поделби што влијаеле на резултатот, иако и од шесте општини што се истакнуваат како добар пример, СДСМ победи само во три.

Интересен е фактот што во Општина Ѓорче Петров се издвојува кампањата на кандидатот Костадин Ацевски, кој загуби и кој побара оставка од Филипче по изборите, која, според документот, е различна од онаа централата, но не и кампањата на Горан Герасимовски во Центар, кој победи, но и водеше, исто така, различна кампања, но и различно лого од централата. Од општините во внатрешноста, во најголем број СДСМ има пад на гласовите, но како светли точки ги издвојуваат Вевчани, Босилово, Богданци, Кривогаштани, Берово, Градско, Дебарца, Дебар, Зрновци, Дојран, Конче… За резултатот на Мартин Костовски во Куманово се користи формулација „дебакл“, додека за поразот на Марјан Даскалов во Струмица дека „Општина Струмица, ‘вечниот’ бастион на СДСМ, на овие локални избори многу лесно ѝ ги предаде на ВМРО-ДПМНЕ како мнозинството во Советот така и позицијата градоначалник“.

И покрај детално анализираниот пад на бројот на гласови во сите поголеми општини, како и фијаското во речиси сите општини, заклучокот од извештајот на раководството на Филипче е дека ако локалните избори биле парламентарни, СДСМ ќе освоел 20-мина пратеници, односно двајца повеќе отсега.

 

ИЗДВОЕНИ