Тувалу тукушто влезе во дигиталната ера: „Сонувавме за ова“, рекоа жителите на една од најмалите држави во светот кои го добија првиот банкомат

48

 

Тувалу, една од најмалите земји во светот, деновиве го доби првиот банкомат. По тој повод беше организирана церемонија на која, освен премиерот Фелетио Тео, присуствуваа и гувернерот, племенските водачи, пратениците и претставниците на дипломатскиот и на деловниот сектор. Тие ја прославија долгоочекуваната финансиска модернизација, при што со поставувањето на банкоматот се означи првиот чекор. Досега, банкарството во Тувалу функционираше исклучиво со готовина. Кога ќе дојдеше денот за исплата на платите, работниците мораа да чекаат во редици пред банка, што понекогаш траеше со часови. Банката ги затвораше вратите во 14:00 часот, а сите трансакции за дневно пазарување, плаќање во хотели и услуги се вршеа во готово.

– Денес не само што славиме важен настан туку и историја, бидејќи банката влегува во сосема нова ера, не само во однос на своите услуги туку и во однос на својата стратешка насока – рече премиерот Тео во својот воведен говор на церемонијата.

Проектот почна во 2021 година, а вкупните трошоци за банкомати и за терминали за плаќање надминаа три милиони австралиски долари. Целиот овој четиригодишен процес гордо беше објаснет од Сиосе Пенитала Тео, генерален директор на банката, во разговор со репортер на „Гардијан“, пренесе Индекс.хр.

– Цело време бевме во аналоген простор, сонувавме за ова. Овие машини не се евтини, но со поддршка на Владата и со неверојатна решителност, можевме да ја реализираме оваа услуга за нашите луѓе – рече тој.

Според премиерот, банката прво соработувала со надворешен консултант, а подоцна ја ангажирала компанијата „Пацифик технолоџис лимитед“ од Фиџи да го испорача и да го инсталира системот, кој сега ќе работи на повеќе локации во главниот град, Фунафути, вклучувајќи ги аеродромот и локалните населби. Инсталирани се пет банкомати, а има планови за поставување на 30 терминали за плаќање по должина на островот.

Засега ќе биде можно да се користат само припејд картички на банкоматите. Планот на банката е наскоро да воведе дебитни картички издадени во Тувалу, со цел на крајот да понуди дебитни и кредитни картички од „Виза“ што можат да се користат во странство за патување и за онлајн купување. Со околу 6 000 корисници на банката, од кои многумина имаат повеќе сметки, воведувањето електронско банкарство треба да ги намали застојот и зависноста од готовина, како и да го подобри пристапот до финансиски услуги на оддалечените острови.

– Ќе ја обезбедуваме услугата бесплатно сè додека не се навикнат луѓето на неа. Со текот на времето, ќе ги разгледаме надоместоците – рече директорот на банката.

ИЗДВОЕНИ