Тутунот се откупува по највисока цена досега, се очекува околу 200 милиони евра да завршат кај тутунарите

21

Откупната цена на тутунот е највисока досега и изнесува 420 денари за килограм. Поради тоа и откупувачите и тутунарите се задоволни, изјави претседателот на Владата, Христијан Мицкоски.

„Во моментов се откупени 23-24 милиони килограми тутун, а просечната цена е близу 420 денари, некаде околу 7 евра, што е највисока до сега. Гледате нема протести, нема блокади, нема ништо, туку напротив задоволни се и тутунопроизводителите и откупувачите. Кога на тоа ќе се додаде и субвенцијата тогаш доаѓаме до некои 500 денари по предаден килограм тутун. Тоа за мене е исклучително квалитетен род и би рекол исклучително квалитетен бизнис. На 24 милиони килограми, кога ќе ставиме 500 денари, добиваме околу 12 милијарди денари, околу 200 милиони евра ќе завршат кај тутунопроизводителите. И тоа е добро. Порано се откупуваа по 15-16 милиони килограми по цена од 120-130 денари, а денес е тоа 23-24 милиони килограми по цена од 420 денари по килограм, со субвенција 500. Навистина добра работа се прави“, изјави премиерот Мицкоски.

Според Сојузот на земјоделските здруженија, остануваат уште околу 1500 тони тутун што треба да ги преземат откупувачите кои ќе работат по празниците.

– За мене е изнанадувачки брзо што заврши откупот на тутунот од ланската реколта. Но, помогнаа и временските услови да се забрза откупот. Во декември беше присутна релативната влажност што овозможи услови за домашната манипулација. Од друга страна, веројатно и на компаниите им требаше тутунот и затоа го прибраа родот многу брзо, објаснува Кире Ристески, претседател на Сојузот на земјоделските здруженија.

За откуп, според Сојузот, има уште најмногу 1 500 тони тутун кои ќе се купат по празниците.

-Тутунарите да не стравуваат. Откупувачите ги поврзаа празниците, а потоа ќе ги преземат заостанатите количества тутун. Инаку, законскиот рок за откуп е до 28 февруари, објаснува Ристески.

Сојузот најавува дека од 15 јануари ќе ги почнат преговорите со откупувачите за цените и договорите за новата реколта тутун.

-Со компаниите од 15 јануари ги почнуваме преговорите за новите цени. Тоа ни е многу битно пред склучувањето нови договори, вели Ристески.

Во меѓувреме, течат разговорите за измени во Законот за тутун за што има работна група и битно е да се воспостави рамноправен однос меѓу производителите и откупувачите.

ИЗДВОЕНИ