
Полскиот премиер Доналд Туск ги потврди неофицијалните информации дека Полска е ослободена од механизмот за преместување на бегалци на Европската Унија (ЕУ) и е вклучена во таканаречените земји под притисок на мигрантите, кои ќе добијат помош од други земји-членки во согласност со Европскиот пакт за миграција договорен минатата година.
„Реков дека нема да има преместување на мигранти во Полска и нема да има. Дека подобро ќе ја заштитиме границата со Белорусија и таа денес е најдобро чуваната граница во Европа. Дека ќе ги заостриме прописите за визи и азил и Полска стана пример за другите. Работиме, не брбориме“, напиша Туск на платформата „Икс“.
Коментарот на Туск беше одговор на демонстрациите на полската популистичка десничарска партија „Право и правда“ на поранешниот премиер Јарослав Качински, чиј повик го послушаа десетици илјади поддржувачи кои вчера се собраа пред Кралскиот замок во Варшава за да протестираат против непостоечкото преместување и наводните илјадници мигранти кои не се таму.
Полските медиуми неофицијално во саботата објавија, а премиерот подоцна официјално потврди, дека Полска, како земја под посебен притисок и поради украинските бегалци, е ослободена од механизмот за преместување и задолжителна солидарност на Пактот за миграција.
Се очекува Европската комисија официјално да ја објави одлуката во среда, 15 октомври.