вторник, септември 1, 2026
Дома СВЕТ Туск: Не смееме да ја напуштиме Украина, за да не се повтори...

Туск: Не смееме да ја напуштиме Украина, за да не се повтори Минхен 1938 година

41
Фото: EPA/Radek Pietruszka POLAND OUT

Полскиот премиер Доналд Туск порача од Гдањск на 87-годишнината од почетокот на Втората светска војна дека во име на 80-те милиони жртви од тој конфликт, слободниот свет не смее денес да ја напушти Украина или да дозволи нов Минхенски договор, со кој во 1938 година, големите сили му дадоа благослов на нацистичкиот лидер Адолф Хитлер да ја распарчи Чехословачка со надеж дека ќе избегнат светска војна.

„Имајќи ги предвид 80-те милиони жртви од Втората светска војна, шест милиони жители на Полска, сеќавајќи се дека лудите нацисти ги убија речиси сите Евреи во Европа, денес од Вестерплате викаме до целиот свет: покажете солидарност, мора да ѝ помогнеме на Украина да преживее“, рече Туск.

Полскиот премиер предупреди дека Русија е агресорот кој започна сурова војна и дека е одговорност на Западот денес да каже дека во блиска иднина судбината на Украина е и нејзина судбина.

„Не смееме да ги повториме грешките од тоа време, не смееме да го повториме Минхен, таа тврдоглава, беспомошна политика на попуштање пред злото“, рече Туск на полуостровот Вестерплате во близина на Гдањск, каде што салвата од германскиот крстосувач Шлезвиг-Холштајн, напаѓајќи мал полски воен пункт, ја започна Втората светска војна со првите истрели во раните зори на 1 септември 1939 година.

Полскиот премиер предупреди дека наредните месеци, есен и зима, ќе бидат клучни за независноста на Украина, но и за безбедноста на Полска и целиот слободен свет, пренесе „Бета“.

ИЗДВОЕНИ