Полскиот премиер Доналд Туск денес ја критикуваше идејата Будимпешта потенцијално да биде место за мировни преговори меѓу украинскиот и рускиот претседател Володимир Зеленски и Владимир Путин.
Туск потсети дека Украина веќе добила гаранции за територијален интегритет од САД, Русија и Велика Британија во Будимпешта во 1994 година во замена за нуклеарно разоружување.
Тие гаранции беа бесмислени поради нападот на Путин врз Украина во 2014 година и недостатокот на воена поддршка од потписниците, пишува бриселскиот „Политико“.
„Можеби сум суеверен, но овој пат би се обидел да најдам друго место“, рече Туск.
Бриселскиот портал вчера откри дека Белата куќа разгледува трилатерален состанок – меѓу Зеленски, Путин и американскиот претседател Доналд Трамп – во унгарскиот главен град, повикувајќи се на функционер на американската администрација и лице блиско до администрацијата.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој е близок до Трамп и продолжува да негува врски со Кремљ и покрај руската агресија во Украина, сè уште не дал јавна изјава во врска со одржувањето на разговорите и трилатералниот состанок.
„Политико“ потсетува дека унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто, ја предложил Будимпешта како безбедна локација „и за украинската и за руската страна“ еден ден откако Русија ја нападнала Украина.