Метеоролозите во Турција издадоа предупредување за топлотен бран за југоистокот на земјата, каде што се очекува температурите да достигнат 45 степени Целзиусови следната недела.
Според најновата прогноза од Генералниот директорат за метеорологија (MGM), максимална температура од 45 степени Целзиусови се очекува во Дијарбакир, 43 степени во Газиантеп, а екстремна топлина ќе ги погоди и западните провинции почнувајќи од среда, објавува „Сабах“.
Температурите низ Турција остануваат над сезонските норми, особено во јужните и источните региони, а се очекува целата земја да биде погодена од топлотен бран до крајот на неделата.
Најжешкиот регион следната недела ќе биде југоисточна Анадолија. Поради интензивната топлина, MGM во соопштението вели дека „клучно е локалните жители да преземат потребни мерки на претпазливост против екстремната топлина“.
Во западните провинции, каде што температурите ќе бидат попријатни на почетокот на неделата, се очекува значително зголемување на температурите од среда, особено во регионите на Мармара и Егеј.
Во исто време, северна Турција ќе биде облачна, со можни локални грмотевици по должината на централниот и источниот брег на Црното Море и околу Артвин, додека другите региони ќе бидат делумно облачни и ведри. MGM, исто така, издаде предупредување за силен ветер за јужниот брег на Мармара и северниот дел на Егејското Море. „Граѓаните на море и во крајбрежните области треба да бидат внимателни“, советуваше MGM, додавајќи дека ги предупредуваат постарите лица, децата и лицата со хронични заболувања да избегнуваат излегување надвор помеѓу 11:00 и 16:00 часот, кога сонцето е најсилно.
Термометрите денес исто така соборуваат рекорди во Турција, особено во регионот на југоисточна Анадолија, каде што веќе се измерени 45 степени Целзиусови во покраината Шанлиурфа.
На брегот на Медитеранот, во областа Анталија, температурата денес надмина 40 степени, додека во регионите на Егејското и Мраморното Море беа измерени повеќе од 38 степени, пренесува „Танјуг“.