Бројна македонска публика беше дојдена синоќа во Салонот 19.19 во КИЦ за да му оддаде признание на Ахмет Умит, еден од најпознатите турски автори на модерниот криминалистички роман, кој гостува во Скопје во рамките на фестивалот на европска литература „Букстар“.

Спонтан, природен, остроумен и полн со хумористични приказни, Умит (1960) ја освои скопската публика, која, по разговорот, чекаше во редици за потпишување автограми во книгите.

Познат е по својот прв роман, „Магла и ноќ“ (1996), кој се смета за ремек-дело на детективската книжевност. Тој е автор и на графички романи со инспекторот Невзат. Филмот „Збогум, моја убава татковино“, пак, е направен според негово сценарио. Делата му се преведени на триесет и седум јазици и имаат освоено огромна меѓународна читателска публика. Многу од книгите му се адаптирани во филмови и во телевизиски серии, а некои од нив и како театарски претстави.

Ова му е третпат како што доаѓа во Скопје, а раскажуваше за почетоците, за процесот на пишување, за идеалите.

– Во раните детски години, немав намера да станам писател, но бев многу добар читател. Ми се чинеше како нешто многу големо да бидеш писател. И еден ден, без да размислувам, почнав да пишувам. Како млад, многу често одев на протести и во тоа време, ако те фатеше, полицијата знаеше да те малтретира со денови, да ти врши тортури, да лежиш во затвор… Еднаш на тие протести ме уапси полицијата и потоа ме тераше да напишам извештај. И тогаш, всушност, ја напишав првата приказна. Потоа таа приказна беше објавена во едно списание, а потоа тој текст беше преведен на 40 јазици – раскажа турскиот писател.

Рече дека почнал да пишува детективски романи затоа што сонувал дека светот ќе биде подобро место за живеење. Посочи дека долго истражува пред да почне да пишува, често се консултира со експерти од одредена област, со научници од судска медицина, со историчари. Додаде дека е важно еден автор да биде оригинален, зашто само така ќе биде вистински препознаен од публиката.

– Во уметноста е важно да се биде поинаков. Ако пишував како некој друг, немаше да има вредност она што го пишував. Пикасо е голем зашто го смести окото на жената среде нејзиното чело и покрај тоа што знаеше да слика анатомски совршено тело – рече Умит.

ИЗДВОЕНИ