Невообичаен топлотен бран што го зафати поголемиот дел од Европа донесе рекордни температури во мај, а жителите и туристите од Мадрид до Берлин велат дека времето повеќе ги потсетувало на август отколку на крајот на пролетта, додека метеоролошките служби предупредуваат дека токму последиците од климатските промени и таканаречената „топлотна купола“ донесоа температури повеќе од 10 степени над просекот за мај.
На плоштадот Мајор во Мадрид, под речиси целосно ведро небо, туристите бараа сенка во аркадите, додека келнерите и уличните уметници работеа бавно на температури што се приближуваа до 30 степени.
„Ова воопшто не се температурите што ги очекувавме“, вели туристот од Сиднеј, Џим, кој пристигнал во Мадрид со сопругата Марина со гардероба за постудено време.
„Донесовме слоеви облека, мислевме дека ќе биде посвежо“, додаде Марина, признавајќи дека европската топлина ги изненадила и покрај тоа што доаѓа од Австралија, пишува денеска „Гардијан“.
Паула и Џонатан Дајмонд од Хартфордшир се откажаа од планираното планинарење со своите деца и го пронајдоа спасот во сенката на плоштадите во Мадрид.
„Барем хотелот има климатизација“, рече Паула, додавајќи дека се среќни што не останале во Англија, каде што температурите биле уште повисоки.
Во центарот на Мадрид, Перуанецот Фабрицио Дезу, топлината не го спречила да стои со часови во костим на Кинг Конг и да позира за фотографии со туристи.
„Денес не е толку лошо. Во лето е многу полошо“, рече 23-годишникот, објаснувајќи дека пие три литри вода дневно за да се справи со топлината.
Слична атмосфера е забележана и во Париз, каде што граѓаните пронашле засолниште во парковите и фонтаните.
Во Лондон, туристите од американската држава Њу Џерси рекоа дека биле шокирани од ненадејното зголемување на температурите од 14 на 34 степени за само неколку дена.
Туристите од Египет пак, пристигнаа во Даблин со зимски јакни и мантили, очекувајќи типично ирско време.
„Не донесов никакви летни работи. Очекував да биде ветровито и влажно. Не го очекував ова“, рече Манал Јусеф.
Во Берлин, граѓаните и туристите побараа засолниште од топлината на езерата и градските плажи.
„Навикнати сме на овие температури, но сме навикнати и на климатизација, а во Берлин ја нема“, рече Даниел Санс од Перу.
Неговата пријателка Ана Викторија Асеведо од Мексико предупреди дека ваквите временски услови би можеле да станат нова реалност.
„Ако не промениме нешто, иднината нема да биде само топли денови на плажа, туку услови што ќе бидат тешки за поднесување“, рече таа.
Експертите предупредуваат дека климатските промени ги интензивираат екстремните временски услови низ целиот свет, додека европските градови сè повеќе бележат температури што беа незамисливи за мај до пред неколку години.












