Култното шеталиште Широк сокак, со својот уникатен спој на староградски шарм и на модерна енергија, останува главната точка на интерес за секој турист.
За да се овозможи целосно уживање во убавините на градот, Општина Битола, во соработка со Министерството за култура и туризам, а согласно со законската регулатива, воведува новини што дополнително ќе ги зголемат неговата привлечност и неговата функционалност.
Со цел да им се одговори на потребите на бројните туристички групи што го посетуваат градот во текот на викендите и на празниците, се овозможува непречена работа на трговските објекти во најфреквентните зони, дефинирани како туристичко-културолошка атракција.
– Сите трговски објекти лоцирани на Широк сокак сега ќе можат да ги услужуваат посетителите и во недела и во текот на празниците, нудејќи им можност за купување и на автентични сувенири во секое време. Оваа потреба е поддржана со законските регулативи и со известувањата од Министерството за култура и туризам, според кои Широк сокак и Старата битолска чаршија се дефинирани како значајни туристичко-културолошки атракции. Како дел од заштитеното старо градско јадро, овие локации имаат статус на туристички места од висок ранг, што овозможува исклучоци во трговската дејност во корист на развојот на локалниот туризам – информираат од Општина Битола.












