Турските туристи со години наназад се најчести гости во Македонија. Тие обично доаѓаат во групи, на кружни тури и најмногу се задржуваат во Скопје и во Охрид. Во Скопје ги посетуваат спомениците од османлиско време, а во програмата на балканската тура влегува и посетата на Тетово, Битола и на градовите во другите соседни земји. Според статистиката, само во мај од Турција дошле 28.338 туристи, од Германија 15.166 лица, додека од Франција 6.059 туристи и 5.942 посетители од Србија. Аркан Керим, претседател на Туристичко-угостителската комора при ССК, вели за весникот ВЕЧЕР дека Турците се чести гости во Македонија од 2007 година, кога почна да се реализира балканската тура.
– Турците една вечер се во Скопје, а две вечери во Охрид. Во Скопје ги посетуваат Старата скопска чаршија, плоштадот, споменикот на Мајка Тереза и имаат една вечера во некој македонски ресторан, каде што јадат традиционални јадења и слушаат македонска музика. По тоа, ги посетуваат Шарената џамија и Арабати баба-теќето во Тетово, а во Битола ја посетуваат Спомен-куќата на Кемал Ататурк и се шетаат по Широк сокак – вели Керим.
Тој додава дека на Балканот, најживите споменици од османлиско време се во Скопје – Старата скопска чаршија и во Сараево – Баш чаршија.
– Турците ги посетуваат и спомениците во Охрид, Свети Наум, црквите, Чаршијата… но не се капат во езерото бидејќи преферираат море. Потоа одат во Албанија и во Црна Гора. Овие кружни тури успешно се реализираат години наназад и се доказ дека турските туристи се задоволни од туристичката понуда во Македонија. Затоа постојано се враќаат. Турите се реализираат од март до ноември – вели Керим.
„Туркиш ерлајнс“ од оваа сезона има директен лет од Истанбул и од Охрид, и тоа четири пати неделно – во понеделник, четврток, петок и во недела. А секој ден има по седум директни лета од Турција до Скопје. Тоа, како што вели Керим, е доказ дека има голем интерес од Турците за посета на Македонија.
– Македонија може да живее од туризмот, така што и кај нас туризмот може да стане водечка стопанска гранка како што е во Хрватска, Грција и во други земји. Многу работи во туризмот не сме ги искористиле. Недоволно се искористени туристичките потенцијали и убавини на Македонија, бидејќи не знаеме како да ги пласираме и како да ги продадеме во светот – вели претседателот Туристичко-угостителската комора.
И поранешниот директор на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Љупчо Јаневски, вели дека туризмот може да ѝ донесе голем приход на Македонија, но дека треба многу да работиме за да се сменат некои работи.
– Доколку го анализираме бројот на туристи со нивниот просечен престој, од прва ќе заклучиме дека треба многу да работиме на понудата, на подигање на услугата, на додавање дополнителна вредност на цената, на зголемување на атракциите на дестинациите и на голем број други фактори. Она што го нуди дестинацијата, такви гости привлекува. Тука, несомнено, се поставуваат прашањата: каде беше промовирана Македонија како туристичка дестинација во 2024 и во 2025 година; колку нови авионски линии, зголемени редовни и чартер-летови имаме; до каде ни е патната инфраструктура и просечната старост на нашите туристички автобуси; што направивме за да ги задржиме странските туроператори и дали им се исплатени субвенциите за 2023 година и за 2024 година; што им нудиме како нови атракции на традиционалните гости од Турција, Холандија, Полска, Германија… колку нови хотели, ресторани, збогатени менија, едуциран кадар и автентична понуда ги дочекаа годинашните гости во Охрид и колку нашите сместувачки капацитети ги подигнаа стандардите според барањата на туристите – изјави Јаневски за весникот ВЕЧЕР.
Но, Македонија има што да понуди како туристичка дестинација, а доказ за тоа е статистиката, која константно бележи раст на бројот на странски туристи. Последните податоци покажуваат дека бројот на туристи во мај 2025 година изнесувал 130.739 лица, од кои 22,4 отсто биле домашни, а 77,6 проценти странски туристи. Во мај биле евидентирани 231.313 ноќевања, од кои 28,8 отсто од домашни туристи, а 71,2 проценти од странски. Во периодот јануари – мај 2025 година, во однос на тој период од претходната година, вкупниот број на туристи е зголемен за 16,3 отсто. Кај домашните туристи има намалување за 1 проценти, а кај странските зголемување за 23,6 отсто. Вкупниот број на ноќевања, пак, е зголемен за 12 проценти и при тоа, кај домашните туристи има намалување за 0,3 отсто, а кај странските зголемување за 18,7 проценти.
Податоците покажуваат дека најголем дел од туристите престојуваат во Скопје и во Охрид, каде што оствариле најголем дел од ноќевањата.
(А.С.)