Кошаркарите на Турција ја победија Србија со 95:90 во дербито на групната фаза на Евробаскетот со феноменалниот настап на Алперен Сенгун, кој го надигра Никола Јокиќ.

Сенгун го заврши мечот со 28 поени, 13 скока и осум асистенции и заедно со Шејн Ларкин беа творци на големата победа над најголемиот фаворит за злато. По натпреварот, Турците го прозваа Јокиќ и тврдат дека Сенгун во моментов е подобар играч од српската машина. Исто така, беше направена и карикатура на која пишува „Кој е бебето Јокиќ“, алудирајќи на прекарот на турскиот центар „Бејби Јокиќ“.

Ваквите сцени дефинитивно се непотребни. Сепак, Јокиќ е врвен кошаркар и секој понекогаш е надигран.

Турците веруваат дека Сенгун повеќе не треба да го носи тој прекар по оваа партија, а одличниот кошаркар даде коментар за својот настап против Србија.

  • Јокиќ е еден од најдобрите кошаркари во светот. Многу сум среќен што играв добро против него и што го добивме натпреварот, порача 23-годишниот Сенгун, кој беше преполн со самодоверба.

Од друга страна, српскиот капитен Богдан Богдановиќ, кој го напушти Евробаскетот поради повреда, ѝ честиташе на Турција за победата. Тој го носеше дресот на Фенербахче со години и има големо почитување кон оваа земја.

  • Честитки до Турција. Се гледаме подоцна, гласеше кратката порака на Богдановиќ.

Исто така, и медиумите кај нашиот северен сосед веднаш почнаа да плачат по поразот. „Не паметиме кога вакво нешто се случило: Турците го тепаа цел натпревар, но судиите… Неверојатно!“ гласеше насловот на порталот „Курир.рс“.

Имено, Јокиќ го заврши натпреварот со 22 поени, девет скока и четири асистенции. Но, врз него немаше досудено ниту еден фаул, па поради тоа немаше поени од линијата за слободни фрлања, што беше поразително за српските медиуми.

Без оглед на поразот, Србија е сè уште главен фаворит за титулата европски шампион. „Орлите“ имаат многу проблеми со повредите бидејќи по Богдановиќ неизвесни за понатамошен настап се и Тристан Вукчевиќ и Алекса Аврамовиќ.

Но, исто така, и Турција покажа дека е подготвена за големи работи, а и германскиот состав изгледа моќно.

По овој пораз, Србија го освои второто место и ќе игра против Финска во осминафиналето во сабота (20:45). Турција, пак, како првопласирана екипа, ќе се соочи со Шведска.

ИЗДВОЕНИ