четврток, февруари 12, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Турците и Бугарите ни го „билдаат“ туризмот

Турците и Бугарите ни го „билдаат“ туризмот

49

Странските туристи го движат растот, додека домашните бележат благо намалување. Според статистиката, Турците и Бугарите се најбројни гости, а туризмот останува еден од врвните стратешки приоритети на Владата. Од Владата годинава очекуваат 5 милиони ноќевања и најавуваат проширување на капацитетите.

– Минатата 2025 година, според бројките што ги објави Државниот завод за статистика, имаме зголемен број туристи, некаде над 6 отсто. Но, она што особено охрабрува е што е зголемен бројот на странски туристи од повеќе од 10 отсто – изјави премиерот Христијан Мицкоски.

Тој најави амбициозен план за иднината, со фокус на привлекување организирани групи и проширување на капацитетите.

– Се ближиме кон бројката од 3,5 милиони ноќевања, што е значаен податок, но нашата цел е да успееме да дојдеме до 5 милиони ноќевања во Македонија. Паралелно работиме на поддршка за изградба и реновирање на сместувачките и на угостителските објекти – рече Мицкоски.

Според најновите податоци на Државниот завод за статистика, вкупниот број туристи лани бил поголем за 6 проценти во однос на 2024 година. Бројот на странски туристи е зголемен за значајни 10,3 проценти, додека кај домашните е регистриран пад од 2,2 проценти. Практично целиот раст во туризмот се темели на зголемениот прилив од странство, додека домашната побарувачка бележи благо повлекување.

Сличен тренд се забележува и кај ноќевањата. Вкупниот број реализирани ноќевања во периодот јануари – декември 2025 година пораснал за 0,8 проценти. Странските туристи оствариле 6,4 проценти повеќе ноќевања отколку претходната година, но домашните гости ноќевале за 4,1 процент помалку. Овие податоци упатуваат дека странците не само што доаѓаат во поголем број туку и подолго престојуваат.

Декември 2025 година дополнително ја потврдува оваа динамика. Во последниот месец од годината биле регистрирани 59.521 турист, кои оствариле вкупно 112.001 ноќевање. Од нив, 36,7 проценти биле домашни, а дури 63,3 проценти странски туристи. Кај ноќевањата, 42,4 проценти отпаѓаат на домашните гости, а 57,6 проценти на странците, што покажува дека странските посетители имаат сè поизразено присуство и во зимскиот период.

Најголем број странски туристи во декември пристигнале од Турција – 7.303, следуваат Бугарија со 5.214 гости, Србија со 4.736 и Грција со 3.438 туристи. Овие пазари остануваат клучни за туристичкиот прилив, особено во периодите надвор од главната летна сезона.

Податоците за 2025 година сугерираат дека туризмот се движи во позитивна насока, но и дека неговата стабилност сè повеќе зависи од странските пазари. Предизвикот во наредниот период ќе биде како да се врати и засили интересот кај домашните туристи, со цел растот да биде рамномерeн и одржлив.

 

ИЗДВОЕНИ