Турција се тресеше цела ноќ: Повеќе од 200 последователни земјотреси на северозападот на земјата

31
Фото: X/EMSC

Повеќе од 200 последователни потреси ја погодија северозападна Турција во понеделник, по земјотресот со магнитуда од 6,1 степен што се случи во недела.

Агенцијата за управување со катастрофи на Турција, АФАД, соопшти дека регистрирала 237 последователни потреси, од кои 10 биле со магнитуда од најмалку 4,0 степени.

Многу жители во погодениот регион ја поминале ноќта надвор или во своите автомобили, стравувајќи од нови последователни потреси, објавија турските медиуми.

Епицентрите на земјотресите се наоѓале во округот Синдирги во покраината Баликешир, каде што најмалку едно лице загина, а 29 се повредени во земјотресот во неделата.

Земјотресот се случил на длабочина од 11 километри и бил почувствуван во Истанбул и Измир, на повеќе од 200 километри оддалеченост.

Турскиот министер за внатрешни работи, Али Јерликаја, изјави дека најмалку 16 куќи се уништени во земјотресот.

Спасувачките операции се завршени, а четири лица се во болница, пренесува ДПА.

Турција е трусно подрачје бидејќи се наоѓа на спојот на три големи тектонски плочи. Особено ранлив е метрополисот Истанбул, кој беше погоден од земјотрес со јачина од 6,2 степени во април.

Земјотресите во февруари 2023 година убија повеќе од 53 илјади луѓе во јужна Турција и неколку илјади во соседната Сирија.

ИЗДВОЕНИ