Турција – омилена дестинација за Македонците што не сакаат да вадат паричник на одмор

Од туристичките агенции што ги контактираше весникот ВЕЧЕР велат дека „ол инклузив“ аранжманите се речиси распродадени, а цените за лице се движат од 500 евра, па нагоре, за шест дена. Последниве години има голем интерес за летување во Турција, Египет, Тунис, Малдивите... и голем дел од македонските граѓани се одлучуваат за овој вид аранжмани, затоа што не сакаат да го вадат паричникот додека се на одмор. Цените за Турција се движат од 700-800 до 1.000 евра за лице, за шест ноќевања во поубав хотел. Додека, пак, во хотелите со четири ѕвезди во Турција може да си поминете поевтино и да платите само 500 евра од лице. Во Хургада и во Тунис цените за лице се движат 500-600 евра за шест ноќевања или 1.200 евра за двајца

260

Ако сакате да одите на одмор, а да не го вадите паричникот, „ол инклузив“ аранжманите се најдобра опција. Освен што нема да размислувате дали имате ситни евра, долари, лири… нема да размислувате ни за појадок, ручек, вечера, како ни за цените на лежалките. На плажа имате шанкови со разни пијалаци за освежување, како и содржини за забава за децата и за возрасните. Исто така, нема да ви биде потребен такси-превоз, бидејќи има организиран автобуски превоз од аеродромот до хотелот. Од туристичките агенции што ги контактираше весникот ВЕЧЕР велат дека „ол инклузив“ аранжманите се речиси распродадени, а цените за лице се движат од 500 евра, па нагоре, за шест дена.

Од туристичките агенции велат дека последниве години има голем интерес за летување во Турција, Египет, Тунис, Малдивите… а голем дел од македонските граѓани се одлучуваат за овој вид аранжмани, затоа што не треба да се грижат за ништо – од пат, па сè до сместување, храна, пијалаци…

– Имаме „ол инклузив“ аранжмани речиси за секоја дестинација: Грција, Црна Гора, Албанија, Египет, Малдивите… Има клиенти што го бараат овој вид услуга и за Грција, а тоа го добиваат кога ќе резервираат хотелско сместување. Секој хотел нуди вид услуга што си ја избира клиентот, може да избере само ноќевање со појадок и вечера или, пак, со сè вклучено – „ол инклузив“. Ваков вид услуга имаме и за аранжманите во Албанија, нормално оние што избираат хотелско сместување. Најчесто македонските граѓани ги избираат ол инклузив аранжманите за Анталија, Аланија, Сиде, Белек, Кемер во Турција и за Хургада во Египет. Кога се во прашање овие аранжмани, платени се авионскиот билет, аеродромските такси, трансферите од аеродромот до хотелот и обратно, како и сместувањето со одбраниот вид услуга – велат за ВЕЧЕР од една туристичка агенција.

Цените на „ол инклузив“ аранжманите зависат од видот на хотелот, од тоа кога е направена резервацијата, како и од временскиот период кога одите на одмор. Така, на пример, цените на хотелите во Турција се движат од 500 евра, па нагоре, за седумдневен аранжман. Турција е земја што знае како да го работи „ол инклузив“ концептот, во хотелите се почитуваат сите протоколи, многу се внимава на хигиената и токму затоа последниве години многу македонски граѓани се решаваат да го поминат својот летен одмор токму на оваа дестинација.

– Имаме чартер-летови за Шпанија, Хургада, Тунис и, секако, за Турција. Најголем интерес има за Турција, но последниве години многу Македонци одат за Египет. Исто така, има голем интерес за Кипар, за каде што, исто така, нудиме аранжмани, но проблем е што нема директен лет од Скопје, туку се лета од Солун. Цените зависат од бројот на ѕвезди на хотелот и од периодот кога се оди на летување. Имаме чартери од мај до октомври, а аранжманите за „ол инклузив“ понудите се веќе распродадени – велат од туристичките агенции.

Цените за Турција се движат од 700-800 до 1.000 евра за лице, за шест ноќевања во поубав хотел. Додека, пак, во хотелите со четири ѕвезди во Турција може да си поминете поевтино и да платите само 500 евра од лице. Во Хургада и во Тунис цените за лице се движат 500-600 евра за шест ноќевања или 1.200 евра за двајца.

– Со „ол инклузив“ аранжманите, платени се сместувањето, храната, авионскиот превоз и превозот од аеродромот до хотелот. Додека факултативните патувања, како, на пример, посетата на пирамидите во Египет, јавањето камила, пустинското сафари со џипови или со мотори, посетата на други културно историски споменици… се плаќа дополнително. За еден ваков одмор, каде што е вклучено сè, едно семејство треба да издвои минимум 2.500 евра. Во зависност од хотелот, во некои хотели не се плаќа за деца до 7, во некои за деца до 10, а во некои бесплатно може да летуваат деца до 12 години. Авионските карти се бесплатни само за деца до 2 години – појаснуваат од една туристичка агенција.

Од агенциите велат дека Турција е, сепак, број еден за „ол инклузив“ аранжмани и дека најголем дел од Македонците претпочитаат да одат во Анталија.

(А. С.)

 

ИЗДВОЕНИ