Интердисциплинарниот настан, кој опфати повеќе културни дејности, беше организиран од Етнокореолошкиот оддел при Домот на културата „Македонија“ во Гевгелија и Ансамблот „Бојмија“ од Гевгелија. – Најпрво, во фоајето на Театарот, многубројната публика уживаше во вокалната интерпретација на женската група на Ансамбл „Бојмија“, која ја изведе песната „Бој се бие“, од етничкиот предел Бојмија, поточно од селата Миравци и Петрово. Симболично, ложата во Големата сала беше претворена во „тунел“, во кој беа изложени голем број предмети и реквизити од традиционалната култура (покуќнина), потсетувајќи на некогашниот начин на живот и секојдневните обврски на предците. Младите модели, облечени во народни носии и градска облека, демонстрираа како некогаш изгледала облековната култура и како се одвивале секојдневните активности. Во тунелот, покрај живите изведби, беа прикажани историски видеоснимки од браќата Манаки, а можеа да се слушнат и мелодии од традиционални инструменти, како и вокални изведби на доајени на народната музика, создавајќи автентичен амбиент на минатото – соопштија од Општина Гевгелија
Со послужување леб и сол како симболичен гест на добредојде, посетителите беа пречекани на отворањето на мултимедијалниот перформанс „Тунел на традицијата“, кој се одржа денеска во Народниот театар во Гевгелија.
Интердисциплинарниот настан, кој опфати повеќе културни дејности, беше организиран од Етнокореолошкиот оддел при Домот на културата „Македонија“ во Гевгелија и Ансамблот „Бојмија“од Гевгелија.
– Најпрво, во фоајето на Театарот, многубројната публика уживаше во вокалната интерпретација на женската група на Ансамбл „Бојмија“, која ја изведе песната „Бој се бие“, од етничкиот предел Бојмија, поточно од селата Миравци и Петрово. Симболично, ложата во Големата сала беше претворена во „тунел“, во кој беа изложени голем број предмети и реквизити од традиционалната култура (покуќнина), потсетувајќи на некогашниот начин на живот и секојдневните обврски на предците. Младите модели, облечени во народни носии и градска облека, демонстрираа како некогаш изгледала облековната култура и како се одвивале секојдневните активности. Во тунелот, покрај живите изведби, беа прикажани историски видеоснимки од браќата Манаки, а можеа да се слушнат и мелодии од традиционални инструменти, како и вокални изведби на доајени на народната музика, создавајќи автентичен амбиент на минатото – соопштија од Општина Гевгелија.
Оттаму додаваат дека врвниот момент била изведбата на „Машко оро за рамо“ од членовите на Ансамбл „Бојмија“.
– Но, вниманието на публиката особено го привлече малиот гајдаџија Кирил Јованов, кој со својата виртуозност и со чувството за ритам отсвири музичка подлога за орото. Публиката не можеше да ги скрие радоста и воодушевувањето – настапот на Кирил предизвика бурни овации и искрени насмевки кај присутните. Со својот талент и енергија, Кирил ја покажа силата на младите музички генерации и ја надополни магијата на „Тунелот на традицијата“, оставајќи незаборавен впечаток кај сите што ја следеа изведбата – нагласуваат од Општина Гевгелија.
Нагласуваат дека овој настан претставува значајна придобивка за културната афирмација на Гевгелија.
– Преку „Тунелот на традицијата“, публиката се потсетува на важноста на македонската културна и етнолошка оставина, како и на нејзиното влијание врз современиот културен идентитет. Настанот го нагласи ангажманот на младите во културниот живот на Гевгелија – тие не само што ја преземаат традицијата туку ја оживуваат, ја приспособуваат и ја претставуваат на модерен начин, создавајќи мост помеѓу генерациите. Нивното учество е доказ се вистински амбасадори на локалната традиција и уметничкиот израз. ЈОУ Дом на култура „Македонија“– Гевгелија уште еднаш ја зацврсти позицијата на градот како центар на културни вредности и творечки изрази во земјата – заклучија од Општина Гевгелија.












