Онколошките пациенти и нивните семејства се соочуваат со недостиг на тумур-маркери и неопходни анализи за следење на болеста. За тоа, неодамна, на својот фејсбук-профил алармираше пратеничката Моника Зајкова, која поставила и пратеничко прашање до министерот за здравство, Азир Алиу, кој денеска, пак, најави дека состојбата со недостигот ќе се решава преку измени на законите. Министерството за здравство, во одговорот што го испратиле до неа, потврдило дека дел од серумските тумор-маркери навистина не се изработуваат на Клиниката поради поништување на јавната набавка и оти постапката била повторно објавена.
„Во моментот, дел од тумор-маркерите не се изработуваат на Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија поради одложување на постапката за јавна набавка и нејзино поништување од страна на Комисијата за жалби. Јавната набавка е повторно објавена и по завршување на законските рокови и потпишувањето на договорите, овие анализи повторно ќе бидат достапни на Клиниката. Во меѓувреме, пациентите кај кои постои потреба од овие анализи се упатуваат на институтот за клиничка биохемија. Инаку, биохемиските анализи на серумски тумор-маркери, доколку постои медицинска индикација, се изведуваат во 40 лаборатории при ЈЗУ низ државата и во околу 10 приватни кои имаат договор со Фондот. Истите можат да се изработат со упат од специјалист и се целосно покриени за осигурениците од ФЗО“, одговориле од МЗ.
Министерот за здравство вели дека проблемот со недостигот од тумор-маркери ќе се решава со менување на законите.
– За жал, исто така заради законски пречки, знаете дека ако една процедура задоцни, вие законски не смеете да отворите друга или да ја забрзате. И затоа, еден од законите во овие 12 закони што ги менуваме и адаптираме, едно од прашањето што ќе го решиме, е буквално ова. Јас најавив пред неколку месеци дека ќе разгледуваме постапките да почнуваат не три, туку шест месеци пред истекот на процесот, сè со цел да имаме време да најдеме дополнително ако ни треба реотворање на постапката, за да не стигнеме до вакви моменти кога заради административните процедури, пациентите ќе чекаат лекови – појасни Алиу.
Пратеничката Зајкова предлага Министерството да воведе построг систем за континуирано следење на резерви на лекови и на реагенси, автоматски механизам за навремено активирање нови набавки пред да настане недостиг, подобра координација меѓу клиниките и Фондот за здравствено осигурување, транспарентност и отчетност пред јавноста за состојбата на онколошките терапии.
Здруженијата преку кои се „слуша гласот“ на онколошките пациенти велат дека за година и пол се појавиле дупки од неколку недели за одредени терапии и тоа поради обемните тендерски процедури, некоординираноста и немањето механизми кои ќе ги регулираат добавувачите.
Од Министерството велат дека нема недостаток на лекови на Онкологија, каде што се спроведува набавка на вкупно 104 лекови од позитивната болничка листа. Во претходниот период беа забележани недостаток кај дел од лековите, пред сè поради проблеми со дистрибутерите.
На Клиниката за онкологија, годишно има по околу 800 новодијагностицирани пациенти со канцер на дојка. Се очекува дека до крајот на 2025 година оваа бројка ќе достигне до околу 1.200 пациенти. Возрасната граница на заболени се спушта, па сè почесто заболуваат и девојки и жени од 30 до 40 години.
Во 2022 година, во светот биле регистрирани речиси 20 милиони нови случаи на рак, а од болеста починале околу 10 милиони лица. Во Македонија, истата година биле евидентирани 7.563 нови случаи, а 4.364 лица го изгубиле животот од рак. Најчести типови се ракот на белите дробови и на дојката, а стапката на смртност во земјата сè уште е повисока од европскиот просек. Од здруженијата нагласуваат дека раното дијагностицирање спасува животи. Редовните прегледи, здравиот начин на живот и подигнувањето на свеста се најсилното оружје против ракот, велат од „Хемаонко“. (П.А.)
Изградбата на болниците во Штип, Кичево и во Тетово чекаат договор
Министерот за здравство, Азир Алиу, на прашање за изградбата на кичевската болница потсети дека 205 милиони евра веќе биле најавени, а тука влегуваат и болниците во Штип и во Тетово и оти средствата не биле буџетски, туку од договорот со Британците.
– Јас сè уште не сум потпишал договор. Чекавме да завршат изборите, и после тоа да се потпише договорот и да бидат дел од таа инфраструктура. Рековме дека ќе почнеме со инвестиции во инфраструктура, и првиот чекор се овие три клиники. Значи Штип, Тетово и Кичево ќе бидат почнати, исто така и процедурите административно, додека инфраструктурно најверојатно кон крајот на годината или почетокот на наредната година. Кичево одново ќе се гради, заради тоа што овој објект не ги исполнува инфраструктурните базични барања за да биде институција која ќе нуди здравствени услуги не само за Кичево, туку и за тој регион – рече Алиу во изјава за медиумите пред почетокот на четвртата годишна конференција за здравство, во организација на Американската стопанска комора Амчам, под мотото „Моќта на навремената акција за здравствен систем што испорачува“.
Владата очекува болницата во Кичево да се изгради, целосно да се опреми и да се пушти во употреба во рок од две години. Новиот објект ќе биде современ, енергетски ефикасен и целосно опремен и ќе чини 18 милиони евра. Болницата во Кичево се гради со децении, а одлуката да се гради нова, наместо да се реконструира, се донесе по констатацијата дека објектот е статички нестабилен и не може да ги издржи градежните зафати и инсталација на болничка опрема.












