Тренерот на Јувентус, Игор Тудор, мува не го лази за дебаклот од Манчестер сити на Светското клупско првенство. Италијанскиот гигант претрпе пораз од англискиот клуб со 5:2 во последното коло од групната фаза на турнирот во САД.

Јувентус се пласираше во осминафиналето благодарение на победите над Казабланка од Мароко и Ал Аин од Обединетите Арапски Емирати. Во следната рунда ги очекува фудбалскиот гигант Реал Мадрид.

  • Лошо чувство, загубивме. Примените пет гола никогаш не се убави, но мора да се каже нешто за нивниот квалитет, за ваков натпревар и како беа подготвени. Веќе имавме обезбедено место и сакавме да одмориме некои играчи, некои други не беа подготвени, а играат навистина добро, коментираше Тудор за натпреварот со Сити.

По неизвесното прво полувреме (2:1), Сити го „сруши“ Јуве со три гола во средината на второто полувреме.

  • Беа многу добри, им честитам. Настрадавме, не успеавме да ја украдеме топката кога се обидовме бидејќи беа одлични, имаат квалитет, а ние не бевме добри со топката. Притиснаа на таков начин што не можевме да се извлечеме, додаде хрватскиот стручњак.
  • За да играме подобро, треба да бидеме комплетни, целосно свежи и добро подготвени – тогаш може да биде поинаков натпревар. Во моментов, со оглед на сите услови, вака испадна.

Потоа Тудор ги истакна големите разлики помеѓу Јуве и Сити.

  • Тие трошат 100, 200 милиони кога сакаат… Точно така, имаат многу посилни играчи од нас, тоа е вистина и тоа треба да се каже. Не бараме изговори – фудбалот е прекрасен затоа што можеш да победиш во еден натпревар, но за тоа мора да имаш многу услови што се совпаѓаат, а денес немавме никакви. Дали овој натпревар ја намали нашата работа? Не, нема намалување! Зборуваме за најдобриот тим во светот, со најдобриот тренер во светот. Заедно со Реал Мадрид, тие се најдобри во последните десет години. Кога станува збор за квалитетот на фудбалот – нема никој подобар од нив, нагласи Хрватот.
  • Немам за што да се жалам на моите играчи. Тешко е да се добие таков удар, но овој натпревар треба да се заборави, да се одмори и да се продолжи понатаму, заклучи Хрватот.

 

ИЗДВОЕНИ