Ќе се гради регионален транспортно-логистички јазол кај скопско Трубарево, најави министерот за транспорт и врски, Александар Николоски, пред превозниците организирани во Асоцијацијата „Макамтранс“, каде што ги презентираше крупните стратешки проекти со кои ќе се забрза растот на транспортот и логистиката во земјава. Министерот истакна дека логистичкиот јазол кај Трубарево ќе прерасне во земјено пристаниште на регионот.
– Работиме на мултимодуларен јазол во постојниот кај Трубарево и во продолжение со пресекот на двата коридора, кој треба да прерасне во централен во регионот. Првата фаза стартува следната година со изградба на инфраструктура од страна на државата, а во 2027 година треба да биде готов проектот за проширување со цел тоа да стане пристаниште на суво – рече тој.
Инаку, идејата за регионален транспортно-логистички јазол е од пред 15 години. Покрај Трубарево беа идентификувани уште три локации – Бунарџик, Јурумлари и Кичево во секторската студија за изводливост и анализата на трошоците и придобивките од изградбата, изготвени во рамки на проект од Оперативната програма за регионален развој, финансирана од ЕУ. Студијата и анализата беа презентирани во декември 2013 година и тоа беше прв чекор за подготовка на инвестициски проект за изградба на локација со постројки кои ќе овозможат лесно префрлање од еден во друг начин на транспорт. Во рамки на проектот беше изготвено и софтверско решение за сообраќаен модел за анализа и прогноза на сообраќајот во земјава. Ги опфати железничкиот и патниот сообраќај, во национални рамки, меѓународниот и транзитниот сообраќај. Со соодветно ажурирање на податоците во софтверот, моделот ќе биде во можност да врши анализа, да дава податоци и прогноза за движењето на сообраќајот во Македонија во наредниот период.
Студијата предвиде дека во 2036 година ќе има транспорт на стоки од милион и 700 илјади тони, дека стоките сè повеќе ќе се пакуваат во контејнери и дека обичниот транспорт ќе опаѓа. Трубарево, според анализата, беше посочена како најповолна локација за мултимодален транспортен јазол, поради железницата.
Мултимодалните транспортни јазли се економски исплатливи затоа што ќе има помал ангажман на камиони, но и помалку ќе се загадува животната средина поради користењето на железницата.
Министерот Николоски е задоволен од порастот на секторот транспорт и логистика од 6,1% во вториот квартал од годинава.
– Тоа говори дека секторот расте и се развива, но државата работи на стратешки проекти за подобрување на условите за тој развој. Следната година ќе се реконструира поголемиот дел од автопатот „Пријатели“, како и обиколницата на Скопје, а ќе се заврши и изградбата на автопатот од Коридорот 10Д, од Прилеп до Битола, со што ќе се придонесе за забрзување на протокот на стоки и услуги низ државата и ќе се овозможи подобар пристап кон граничниот премин со Грција. На запад се работи на автопатот од Коридорот 8, кој ќе се поврзе со автопатот Кичево – Охрид и граничниот премин Ќафасан, кој ќе се прошири, а се работи и на источниот дел од Коридорот 8 и веќе се проширува преминот Деве Баир – рече тој.
Тој ги извести превозниците дека набрзо треба да се реши проблемот со електронската евиденција на ЕУ – ЕТИАС и најави законски решенија за сообраќајот на брзите пратки и логистиката.
(С. Бл.)