До 28 јули, деновите во Трпејца ќе минуваат во знакот на 14. издание на културно-забавната манифестација „На зајдисонце“, со интересна програма, која привлекува голем број домашни и странски туристи. По отворањето со најновата продукција на фотографии на фотоклубот „Охрид“, насловена „Убавината на дофат“, присутните имаа можност да уживаат во музичката програма со познатиот саксофонист Горан Папаз. Пред присутните, деновиве беше промовиран првиот роман на младата трпејчанка Анастасија Ристеска – „Париска сложувалка“, напишан на англиски јазик. Филмот како уметност годинава има особено место на зајдисонцето во Трпејца. Под ведро небо, оваа година присутните можеа да го гледаат филмот „И(с)згубени“ на младиот режисер, сценарист и фотограф Антонио Вељаноски, кој живее на релација Охрид – Прага. Вечер, пак, ќе се одржи популарната Трка со куфери, по камените скалила во Трпејца, со натпреварувачки карактер, по што следи музичката вечер со Мила, Македонка и со Билјана, дипломирани уметнички на ФМУ во Скопје.
Утревечер гостува драмското студио „Цвет“, под раководство на Драгана Боцеска, со претставата „Приказни“, а пред тоа ќе бидат прикажани и наградени најдобрите три фотографии од Трпејца направени со мобилен, од туристите.
Петокот е резервиран за промоција на монографијата „Златните години на КК „Рибар“ од Трпејца, од авторот Милчо Јованоски.
В сабота ќе гостува театарскиот проект на ОСУ „Свети Климент Охридски“ од Охрид, „Виолината што одекнува низ вековите“ од авторот и ментор Михаил Патчев, а ќе биде прикажан и документарецот „Охридските трубадури“.
Традиционално, подиумот во Трпејца ќе биде место за настап на неколкумина млади музички уметници – репродуктивци, кои в, недела, на 27 јули, ќе имаат свои кратки настапи и во кафеаните покрај езерото. Вечерниот термин ќе биде заокружен со новата воспоставена релација на организаторите со Интернационалниот етнографски филмски фестивал, кој ќе се одржува паралелно во рамките на „Илинденски денови“ во Битола. Брачната двојка Бландине Брунхес – Гламчевски и Тони Гламчевски, од богатата понуда за Трпејца, селектираа пет кратки филма од Чешка, Баскија (Шпанија), Кенија, Хрватска и од Србија.
И годинава женскиот хор „Акордис“ од Охрид, под диригентската палка на Билјана Николоска, ќе ја има честа да го затвори летото.