
Да се биде или да не се биде. Ова е слоганот за изборите во Унгарија, кои ќе се одржат во април 2026 година. За прв пат по 15 години, Виктор Орбан е во опасност да ја изгуби власта. Зад него е Петар Маѓар – поранешен сојузник, а сега негов најжесток противник. Бројни анкети покажуваат дека унгарската Тиса е практично изедначена со Фидес на Орбан, а има места каде води.
Унгарија долго време е под лупа на европските институции поради регресијата на демократските стандарди. Неодамнешниот извештај, датиран на 25 ноември 2025 година, усвоен со големо мнозинство во Европскиот парламент, наведува дека земјата се претворила во „хибриден режим на изборна автократија“.
Исходот од парламентарните избори закажани за април следната година ќе биде клучен не само за иднината на земјата и нејзините односи со ЕУ, туку и за иднината на самата ЕУ и нејзината надворешна политика.
Поразот на Фидес, предводен од премиерот Виктор Орбан, кој е на власт континуирано од мај 2010 година (а претходно од 1998 до 2002 година), би можел да означи пресвртница за земјата. Сепак, за да се случи ова, мора да се појави алтернативен предлог кој е способен да ја поткопа структурата на моќ што Фидес ја изгради за време на својот долг период на доминација над унгарската политика и да одговори на потребите и очекувањата на граѓаните уморни од авторитарен и нефункционален режим, се вели во анализата на Италијанскиот институт за меѓународни политички студии.
Првата голема пречка со која се соочуваат противниците на Орбан лежи во изборниот закон од 2011 година што Фидес го промовираше по убедливата победа во 2010 година. Реформата речиси го преполови бројот на пратеници, го укина вториот круг и го зголеми бонусот доделен на победникот на мнозинството. Точно 199 пратеници се избираат по мешан систем: 106 пратеници во едномандатни изборни единици и 93 преку национален пропорционален систем. Изборниот праг е поставен на пет проценти за партиите, додека за коалициите се зголемува на 10 проценти за две партии и 15 проценти за три или повеќе партии.
Досега, овој изборен систем ги казнуваше опозициските партии, кои останаа поделени и фрагментирани и не беа во можност да изградат кредибилна владина алтернатива на Фидес и нејзиниот лидер.
Неодамна, Маѓар, најголемиот ривал на Орбан, објави анкета пред изборите. Како што изјави тој, Тиса има голема предност пред партијата на Орбан, Фидес.
– Оваа анкета и нашите внатрешни мерења ја покажуваат најголемата предност на Тиса пред Фидес досега. Резултатот потврдува дека повеќето Унгарци инстинктивно ја отфрлаат владата која со години дозволувала илјадници невини деца да бидат злоупотребени. Она што го направија Орбан и неговиот тим не беше грешка. Тоа е злосторство за кое нема прошка, ниту пак може да има. Унгарските гласачи ќе донесат пресуда во април – рече Маѓар.











