Тројца странски експерти ќе истражуваат дали се правеле непотребни операции за профит

Министерството за здравство веќе формирало интерна комисија, а ќе формира и независна комисија со тројца странски експерти од различни европски земји, кои ќе ја „чешлаат“ работата во болниците во земјава, по сериозните обвинувања од кардиологот Сашко Кедев за непотребни интервенции во приватното здравство. Од 15 септември, приватните болници ќе мора задолжително да ги отворат своите бази со податоци. Целта е државата да добие целосен увид во здравствените патеки на сите граѓани, вклучително и на оние лекувани приватно. Стручниот надзор ќе започне од приватниот сектор, а ќе продолжи и во јавните установи. Министерот Алиу вети транспарентен процес, без брзање, но со јасни резултати

1050

Министерство за здравство ќе формира комисија за стручен надзор од експерти од странство, а приватните здравствени установи од 15 септември ќе мора да ги отворат своите бази со медицински податоци за потребите на државниот здравствен систем, најави денеска министерот за здравство, Азир Алиу, по сериозните наводи од кардиологот д-р Сашко Кедев дека се прават непотребни операции и ставање стентови во некои од приватните болници. Министерот посочи и дека е во тек процесот на отстранување на законските пречки за оваа одлука, со цел да се обезбеди целосен увид во здравствената патека на секој граѓанин, без разлика дали е лекуван во приватна или државна установа.

Министерството за здравство веќе формирало интерна комисија, а како што рече Алиу, ќе се формира и стручна комисија со странски експерти за независен надзор.

– Веќе работи комисија кај нас, ако има законски пречки ќе се отстранат веднаш, наредната недела и ќе пуштиме писмо до сите приватни здравствени институции од 15 наредниот месец да мора задолжително да ги отворат базите за да може ние да ги агрегираме сите постојни информации што се таму во нивните институции. Ова е право на државата. Бидејќи секој граѓанин директно или индиректно придонесува кон здравствениот систем во државата и кон Фондот и затоа, ние мора да бидеме во тек со здравствената патека на секој граѓанин на нашата Република, изјави министерот Алиу.

Стручната комисија, според него, ќе биде составена од тројца експерти од различни европски земји, коишто нема да бидат од земјите од соседството, со цел да се обезбеди целосна непристрасност и независност при процената на протоколите и досегашните интервенции во сите релевантни здравствени установи – и приватни и државни.

Единствена дилема на правната служба во МЗ е како може да се платат и дали може да се платат тие експерти, бидејќи земјава е во предизборен период.

– За да нема никакво сомневање, нула сомневање, ќе бараме експерти од земји како што се Словенија и другите европски земји. Тоа ќе биде комисија од тројца експерти. Не сакаме од една земја да ги имаме експертите, сакаме од три различни земји. Сакам да ве уверам дека нема да брзаме во оваа постапка заради времето или сензации. Ќе одиме чекор по чекор, но тие чекори мора да бидат јасно дефинирани и од нив да произлезат прецизни извештаи, а не општи заклучоци, нагласи министерот и најави средба со д-р Сашко Кедев, нагласувајќи дека сега е приоритет да се утврди дали постојат сериозни индиции за злоупотреби.

Министерството веќе располага со база на информации за сите кардиолошки интервенции од 2019 до 2025 година, а проверките ќе се спроведуваат според индикациите, прво во приватниот, а потоа и во јавниот сектор.

Министерот ги наброја петте институции што се занимаваат со оваа област – ЈЗУ Специјална болница за превенција, лекување и рехабилитација на кардиоваскуларни заболувања – Охрид, ЈЗУ Универзитетска клиника за државна кардиохирургија, ЈЗУ Универзитетската клиника за кардиологија, ПЗУ „Аџибадем Систина“ и ПЗУ „Жан Митрев“ – Скопје. Во 2025 година, според информацијата што ја сподели министерот Алиу, досега во Охрид биле извршени 493 кардиолошки интервенции, 105 во Државна кардиохирургија, 1.488 во Кардиологија, 531 во „Систина“, и 939 во „Жан Митрев“.

Во врска со редовни и вонредни контроли, било разговарано и со претставници од Лекарската комора. Но, како што појасни Алиу, Министерството за здравство има информации само за пациенти кои се покриваат од Фондот, но, не и за пациенти што Фондот не ги покрива.

Во меѓувреме, Фондот за здравствено осигурување соопшти дека во изминатите четири години не е евидентирана ниту една претставка од пациенти за извршени непотребни медицински интервенции. Од Фондот информираат дека по сопствена иницијатива биле спроведени девет контроли во приватни здравствени установи во врска со средства што биле наплатени приватно.

– Сепак, ФЗО нема законска надлежност да ја оценува медицинската оправданост на изведените интервенции, ниту да врши инспекциски надзор врз стручната работа на здравствените установи. Овие надлежности се во доменот на Државниот здравствен и санитарен инспекторат или на специјални комисии формирани од министерот за здравство. Фондот, во рамки на своите овластувања, ќе продолжи да работи на спречување на евентуални неправилности во користењето на финансиските средства, стои во соопштението од ФЗО.

Претходно, од Министерството за здравство соопштија дека ќе има проверка на тврдењата споделени во јавноста за можни непотребни медицински интервенции, како и спроведување на итни и вонредни надзори со цел добивање на целосната слика.

– Оваа тема бара трезвен пристап и почит кон фактите, а безбедноста на пациентите, медицинската етика и медицината заснована на докази се основните принципи врз кои се заснова пристапот на здравствениот систем, наведуваат од Министерството.

Сите овие реакции следуваат по изјавата на кардиологот Сашко Кедев, кој во гостување на Канал 77 изјави дека во некои од приватните болници се вршат непотребни операции заради профит.

– Оперирале без потреба, сечеле граден кош без потреба, имаме докази за тоа. Тоа е фасцинантно, релевантните институции треба да преземат нешто, пред сè Министерството за здравство и Фондот, бидејќи тие ги плаќаат некои од овие интервенции. Зборуваме за многу сериозни етички проблеми, поврзани со профит, рече Кедев во гостувањето.

По ваквата изјава, приватната болница „Систина“ побара од него да прецизира на која болница мисли во изјавата, заканувајќи му се со тужба за клевета и навреда доколку тој не го стори тоа. Кардиологот Кедев одговори на социјалните мрежи дека „оваа тужба ќе биде можност конечно да се види што навистина се случува во македонското приватно здравство“. (В.С.Н.) 

ИЗДВОЕНИ