Илјадници несакани божиќни подароци веќе се најдоа во огласите на платформите за продажба на половна стока, а компанијата „Ракутен“ очекува во претстојните денови бројот на огласи во Франција да надмине милион. Меѓу најчесто продаваните производи се книги, видео-игри, ДВД, смартфони и играчки, пренесува „Фигаро“.
Овој постпразничен ритуал станува се попоуларен кај многу Французи, а „Ракутен“ досега регистрираше речиси 390.000 огласи за препродажба, што е за два отсто повеќе од претходната година.
Како што покажува истражувањето спроведено од „Ипсос БВА“, тројца од десет Французи рекле дека се подготвени да ги препродадат подароците што ги добиле за Божиќ ако не им се допаѓаат.
Оваа пракса е популарна само кај лицата постари од 35 до 54 години, а 41 отсто од испитаниците од таа категорија го усвоиле овој тренд.
Како што покажа анкетата, за некои од луѓето кои ги препродаваат своите подароци тоа е начин да вложат во нешто што навистина го сакаат, при што 21 отсто од испитаниците изјавиле дека сакаат за така заработените пари да се израдуваат себеси со нешто во кое навистина уживаат.
Многу од анкетираните исто така изјавиле дека парите од препродажбата на подароците сакаат да ги вложат во заштеда или за да ги покријат празничните трошоци. Оние кои го препродале својот празничен подарок минатата година, изјавиле дека во просек заработиле 100 евра, наведува весникот.
Овој тренд е забележан и на платформата „еБеј“, каде што од почетокот на денот веќе се регистрирани 500.000 огласи за препродажба.
Како што покажува барометарот на оваа платформа, во изминатиот период речиси 20 милиони Французи веќе ги продале своите божиќни подароци. Како што покажува анкетата, предметите кои се препродаваат се нудат по цени пониски за 30 до 70 отсто од регуларните, пренесува „Танјуг“.












