Тројца го претепале до смрт Панче пред казино во Кавадарци: Психијатри ќе утврдуваат дали свесно го усмртиле

502

Убиство или смрт по тепање, ќе покаже психијатриското вештачење на тројцата осомничени, кои усмртија маж пред казино во Кавадарци завчера во раните утрински часови. Доколку се утврди дека кај нив постоела свест и намера да го лишат од живот оштетениот, можна е преквалификација на делото во убиство, велат од Обвинителството

Осомничените засега се гонат за кривично дело – „тешка телесна повреда со смртни последици“, но од Обвинителството најавуваат и можна преквалификација на делото во „убиство“.

Во текот на истражната постапка ќе бидат обезбедени сите докази и ќе се врши психијатриско вештачење на осомничените, па доколку се утврди дека кај нив постоела свест и намера да го лишат од живот оштетениот, можна е преквалификација на делото во убиство“, соопштуваат од Обвинителството.

Двајца од осомничените се на возраст од 27 години и еден е на возраст од 35 години. Според ОЈО, на 27 август околу 5 часот наутро, тие имале вербална расправија со починатиот во казино во Кавадарци, по што излегле и почнале да го тепаат.

„Физички го нападнале и го удирале со боксови и клоци по целото тело и глава. Оштетениот се обидел да влезе во казиното, но изгубил свест. Со ударите му нанеле повеќе тешки телесни повреди од кои починал“,стои во информацијата од ОЈО.

Според локалните медиуми на тепањето му претходела  расправија за долг, па тројцата до смрт го претепале 43-годишниот кавадарчанец Панче. Т. Инцидентот се случил на задниот влез од казино во новиот центар на Кавадарци, по неколку удари, Панче паднал на земја и се онесвестил. Кога лекарите пристигнале во казиното констатирале само смрт.  Обвинителството издаде наредба да се обезбедат снимките од надзорните камери, кои треба да дадат појасна слика за тоа што се случило. Поради опасност од бегство, надлежниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Кавадарци поднел и предлог за определување мерка притвор за тројцата осомничени.

„На ова укажува и нивното однесување веднаш по настанот, бидејќи тие се оддалечиле од местото и не се пријавиле самите во полиција. Наместо тоа, отишле заедно во стан на едниот од осомничените. Од тие причини јавниот обвинител оцени дека притворот е неопходен за непречено водење на постапката и обезбедување на сите докази“ посочуваат од ОЈО.

 

ИЗДВОЕНИ