Трогателна средба на браќата близнаци по две години заробеништво во Газа/ФОТО

177
EPA/ISRAELI GOVERNMENT PRESS OFFICE HANDOUT HANDOUT EDITORIAL USE ONLY/NO SALES

Близнаците Зив и Гали Берман беа ослободени денес и повторно се соединија. Тие беа затворени во Газа повеќе од две години, а поголемиот дел од времето го поминаа разделени. Фотографија од нивната емотивна прегратка беше објавена од страна на Израелските одбранбени сили. Браќата беа киднапирани од нивниот дом во кибуцот Кфар-Аза за време на нападот на 7 октомври 2023 година. Тие имаа 26 години, сега наполнија 28.

Форумот за заложници и исчезнати семејства соопшти дека Зив Берман сака да го започне денот со шолја кафе и има „импресивна колекција чевли“. Тие рекоа дека тој бил обожавател на ријалити ТВ емисии и ги обожавал домашните колачиња на неговата мајка. Форумот соопшти дека Гали Берман, мајстор со талент за поправање работи, планирал патување во Австралија пред киднапирањето, пренесува CNN.

Браќата беа ослободени утрово, во првата група од вкупно седум мажи. Недолго по нив, беа ослободени и преостанатите 13 живи заложници. Тие поминаа 738 дена во заробеништво.

Според израелските медиуми, сите ослободени заложници се во „добра состојба“. По нивното ослободување подоцна ќе следи предавање на телата на преостанатите 28 починати заложници, процес што Израел не очекува да биде завршен во понеделник. За возврат, Израел ќе ослободи околу 2.000 притворени Палестинци.

Претседателот на САД, Доналд Трамп, пристигна во понеделник наутро во Кнесетот, израелскиот парламент во Ерусалим, каде што треба да одржи говор. Обраќањето на Трамп пред израелските пратеници доаѓа во време кога Израел ги враќа последните 20 заложници земени од Хамас за време на нападот на 7 октомври 2023 година, како дел од примирјето посредувано од Белата куќа.

ИЗДВОЕНИ