Контроверзната американска атлетичарка, Мерион Џонс, позната по еден од најголемите скандали во историјата на олимписките спортови, ја шокираше јавноста со својата потресна приказна.
Сега, на 50 години, трикратната олимписка шампионка од Сиднеј 2000 признава дека едвај оди по скали.
Џонс, која беше една од најпрепознатливите атлетичарки во светот на почетокот од 2000-тите, загуби сè кога беше откриено дека користела забранети супстанции. Поради тоа, ѝ беа одземени медалите, се најде под огромен јавен притисок, а воедно заврши и во затвор шест месеци затоа што ги лажела истражителите.
Сепак, во последните години, се соочи со нова и уште потешка битка. Ѝ беше дијагностицирана невромиелитис оптика, ретка автоимуна болест што го напаѓа централниот нервен систем и предизвикува епизоди на привремена парализа. За сето ова дозна во 2020 година. Во неодамнешно видео што го објави на „Инстаграм“, таа покажа колку го променила болеста нејзиниот секојдневен живот.
Од видеото може да се забележи дека едвај се движи по скали, со голем напор, а и болката е видлива. Се „лепи“ за оградата, застанува помеѓу секоја скала, забележливо се мачи.
- Колената ми висат на конец, луѓе, но сè уште стојам – напиша таа покрај видеото, кое привлече големо внимание кај јавноста.
View this post on Instagram
Објавата им се допадна на повеќе од 150.000 луѓе. За кратко време, пристигнаа илјадници пораки за поддршка и охрабрување.
Џонс претходно јавно зборуваше за својата дијагноза и за рехабилитацијата.
- Бев примена во центар за рехабилитација за повторно да научам да одам. Беше разочарувачки да се чуе дека имам автоимуна болест – призна своевремено таа.
Нејзината приказна, колку и да е шокантна, не е единствена. Дури и легендарниот спринтер Јусеин Болт неодамна призна дека, по завршувањето на кариерата, се бори со својата физичка подготвеност и е без здив додека се качува по скали.
И покрај сè, Марион Џонс не се откажува. Минатата година учествуваше на маратонот во Чикаго. Оваа година тренираше за маратонот во Берлин. А денес, покажува дека нејзиниот борбен дух, истиот оној што ја доведе до олимпиското злато, не исчезнал.











