Формула 1 отсекогаш била синоним за вистински мажи, многу адреналин, големо возбудување, но и убави жени. Сепак, во последните неколку години, а особено во текот на изминатите неколку трки, пред сè во САД и во Мексико, се случи фокусот на ТВ-камерите да биде повеќе насочен кон девојките и кон сопругите на возачите на Формула 1 отколку кон самите пилоти. Ова предизвика гнев кај некои возачи, но и кај публиката, која беше разочарана од „ставот на реалноста“ на Американците кон Формула 1. И, вакви работи се случуваа спорадично во текот на целата сезона, иако не толку често како во Тексас и во Мексико.

Критиките ги предводеше возачот на тимот Вилијамс, Карлос Саинц, кој беше воодушевен од она што можеше да го види по трката. Имено, во трката за ГН на Сингапур, на исклучително тешка патека, Саинц направи импресивен пробив од крајот на табелата до десеттото место, кое остана незабележано во преносот во живо. Шпанецот освои дури осум позиции.

Обидот на Фернандо Алонсо да го престигне Луис Хамилтон, исто така, беше игнориран. Наместо акцијата на патеката, камерите редовно се префрлаа на девојката на Саинц, Ребека Доналдсон, и избраничката на Ландо Норис, Меги Корсеиро. Освен нив, преносите често се фокусираа и на Кели Пике, подобрата половина на Макс Верстапен.

  • Тоа станува малку тренд, што сигурно им одговарало во еден момент, кога луѓето беа заинтересирани да ги видат нашите девојки, рече Карлос Саинц и продолжи:
  • Разбирам дека ако има престигнување, многу напнат момент во трката, тоа подоцна се прикажува како снимка… Но, за време на трката, треба да се следат и највозбудливите моменти. Важните моменти се пропуштаат, како на пример, моето престигнување, од кое имаше пет, или потера на Алонсо по Хамилтон. Во ред е да се прикажат некои работи надвор од патеката, но фокусот не треба да се губи на главната работа, а тоа е тркањето. Ако мене ме прашувате, малку претеруваат со прикажување на познати личности и девојки, вели Саинц.

Темата за девојките и убавите сопруги на возачите на Формула 1 сè повеќе привлекува внимание на јавноста.

Англиските медиуми пишуваат дека сопствениците на телевизиските права се под влијание на серијата на Нетфликс „Drive to Survive“, која донесе револуција во Ф1. Тие привлекоа нова, млада публика, повеќе склона да се фокусира на возачите и на нивниот приватен живот отколку на самиот спорт.

Потврда за трендот дека јавноста е сè повеќе заинтересирана за приватниот живот на возачите и за нивните девојки се примерите од „Инстаграм“.

Имено, објава на официјалниот профил на Мерцедес на која е прикажана реакцијата на Монтеро Мунд, девојката на Џорџ Расел, по неговата победа, собрала дури 7,8 милиони прегледи. За споредба, сите спортски објави на Мерцедес заедно имале 4,6 милиони прегледи.

ИЗДВОЕНИ