Македонскиот пијанист Дино Имери имаше триумфален настап во срцето на класичната музика – Виена. Тој одржа незаборавен концерт на сцената на престижниот „Бехштајн Центрум“, а неговото претставување беше наградено со бурни аплаузи од многубројни љубители на музиката, меѓу кои и истакнати уметници и музички професионалци. Имери, кој првпат настапи пред виенската публика, го изведе капиталното дело „Голдберг варијации“ од Јохан Себастијан Бах.

Иако дебитант во овој реномиран културен простор, Имери беше пречекан со ентузијазам и искрено воодушевување, како да настапува пред своја матична публика. Уметникот ѝ се заблагодари на публиката со извонреден бис – виртуозна изведба на „Прелудиум и Пајдушка“ од македонскиот композитор Живоин Глишиќ.

Концертот, кој се одржа на 13 јуни, беше организиран од Амбасадата на С. Македонија во Виена, со поддршка од Македонско-австрискиот бизнис-клуб и компанијата SSB Infrastructure-Austria.

„Овој концерт го подготвував со огромна мотивација и љубов, знаејќи дека настапувам во градот на Моцарт, Бетовен, Брамс… Но не можев ни да претпоставам дека ќе бидам пречекан со толку топлина и искрени аплаузи. За мене, ова беше остварување на еден голем сон, резултат на долгогодишна посветеност и труд“, изјави Имери по концертот.

На отворањето, пред присутните се обрати македонскиот амбасадор во Виена, г. Освит Росоклија, кој го нарече Имери „бисер на македонската музичка култура“. Тој подвлече:„Вечерва не само што сме овде за да го доживееме мајсторството на еден исклучителен уметник, туку и за да ја прославиме универзалната сила на музиката. Дино Имери е вистински амбасадор на нашата култура. Неговите настапи не се само концерти, туку емоционални патувања, музички приказни раскажани со исклучителна уметничка длабочина.“

Концертот на Имери во Виена веќе резултираше со нови покани за настапи во Австрија и други значајни европски и светски музички центри, потврдувајќи уште еднаш дека неговиот уметнички пат продолжува со сигурен и блескав интензитет.

ИЗДВОЕНИ