„Приказната за Силјан“ на Тамара Котевска ја доби наградата за најдобар документарец на доделувањето на 41. Меѓународни награди за документарен филм (International Documentary Awards –IDA) што се одржа вчера во Лос Анџелес, САД. „Силјан“ на ИДА се закити и со наградата за најдобра кинематографија која му припадна на Жан Дакар. Со ова, остварувањето на Котевска освои две значајни награди, од трите номинации (меѓу кои и за режија) добиени на ИДА.
-Да се вратиш по 6 години во Лос Анџелес, на ИДА, со нов филм и да ја освоиш главната награда за најдобар документарен филм откако „Медена земја“ ја освои наградата за најдобра кинематографија… Ова е мојот омилен документарен настан и ова е мојот најважен филм досега! Премногу сум емотивна што сум тука! Честитки до целиот наш прекрасен тим, особено до кинематограферот Жан Дакар за освојувањето на наградата – најдобра кинематографија! Ја посветувам оваа награда на сите независни филмаџии на документарни филмови низ целиот свет кои минуваат низ најтешките и најнезамисливите пречки за да оживеат еден филм, напиша на својот Фејсбук профил македонската режисерка по добивањето на наградите.
Таа воедно на филмаџиите им порача: „Продолжете да се борите, соработници, документарни воини! Ние навистина правиме промена во овој свет!“
„Приказната за Силјан“ на Тамара Котевска деновиве беше номиниран и за „Најдобар документарец“ на престижната филмска награда „Независен дух“ (Independent Spirit Awards), која е важен индикатор за наградата „Оскар“. 41. издание на наградите „Индепендент спирит“, славејќи го најдоброто од независниот филм и телевизија, ќе се одржи на 15 февруари, во „Холивуд Паладиум“ во Лос Анџелес, кога ќе бидат соопштени и доделени признанијата за најдобрите.
Инаку, третиот документарец на Котевска неодамна (28 ноември) во ИФЦ (IFC – International Film Centre) во Њујорк ја имаше својата американска кинопремиера, по што започна со прикажување во селектирани кина низ САД. Периодов филмот се закити со неколку награди на фестивали на северноамериканскиот континент, како и со неколку номинации меѓу кои и за престижните награди „Синема ај“ (Cinema Eye Honors).
„Силјан“, инспириран од познатата бајка, е македонски кандидат за наградата „Оскар“ за најдобар интернационален филм, а откупен од „Нешенал џеографик документари филмс“ за прикажување, трча за номинација и за документарното натпреварување за „Оскарите“.
Со сите досегашни престижни награди и номинации, „Силјан“ полека и сигурно го трасира патот до номинација за најзначајната филмска награда во светот – „Оскарот“.
Да потсетиме, документарецот ја следи судбината на Никола, земјоделец, кој по тешка криза останува сам и на депонија пронаоѓа бел штрк со повредено крило. Филмот ја имаше својата светска премиера на 82. Венециски фестивал, во програмата „Out of competition“, а ја освои наградата за најинспиративен филм или т. н. награда на музата (Cinema and Arts Award) на престижна меѓународна платформа што ги оценува филмовите што беа прикажани во официјалните програми во Венеција. Остварувањето е копродукција со американската „Конкордија“ и со британската „Корнершоп“, а продуценти се Котевска, кинематограферот Жан Дакар, Јорданчо Петковски и Ана Хашми. Монтажата е изработена од Мартин Иванов. Оригиналната музика за „Силјан“ ја потпишуваат Џо Вилсон Дејвис и Хун Оукпарк, композитори од студиото на „Ханс Цимер“.












