На годинешната свечена церемонија на најпрестижните театарски награди во Бугарија – АСКЕЕР, претставата „Без крв“ во режија на Диана Добрева, копродукција на Театар Ј.Х. Џинот од Велес и Драмски театар Пловдив, доживеа вистински триумф, освојувајќи неколку од најзначајните признанија на вечерта.
Овој заеднички театарски проект во кој темата е oдмазда, проштевање и љубов во повоено време, ја освои наградата за најдобра претстава – категорија што ја носи најголемата тежина и престиж во светот на професионалниот театар во Бугарија.
„Режисерката Добрева, позната по својот длабок и визуелно моќен сценски израз, беше наградена со АСКЕЕР за најдобра режија, уште една потврда за нејзината умешност да создава вознемирувачки и незаборавни сценски искуства.
Особено внимание привлече и визуелниот идентитет на претставата, за што се погрижија костимографите Раде Василев и Елена Вангеловска, кои ја понесоа наградата за најдобра костимографија, дополнително зацврстувајќи ја естетската сила на ‘Без крв’, посочуваат од Велешкиот театар.
Оттаму додаваат и дека претставата беше нотирана со уште неколку значајни номинации. Композиторите Сашко Костов и Јавор Карагитлиев беа номинирани во категоријата за оригинална театарска музика, а Валентин Светозаров доби номинација за најдобра сценографија, со што уште повеќе се заокружува високиот креативен домет на овој проект.
Според Александар Секулов, автор на драмската адаптација, оваа претстава има само еден центар, а тоа е дека само љубовта може да ги затвори раните.
Актерот Васил Зафирчев, пак, посочи дека од актерски аспект беше многу провокативно, како таа голема сторија , со тие неколку одбрани критични места да се одигра во релативно кратко, многу компримирано театарско време.
Наградите АСКЕЕР се доделуваат од 1991 година од страна на Фондацијата АСКЕЕР, и денес тие претставуваат едно од најзначајните признанија за уметнички дострели во театарот, покривајќи широк спектар на категории, меѓу кои и режија, глума, музика, сценографија и костимографија.
„Годинешното издание само ја потврди меѓународната соработка и креативниот потенцијал кој го поврзува регионот преку уметноста – со „Без крв“ како симбол на таа театарска сила“, додаваат од Велешкиот театар.
Инаку, Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ Велес ја претставуваше Македонија на еден од најпрестижните културни настани на светската сцена – Меѓународниот театарски фестивал „МИТЕМ“ во Будимпешта, Унгарија. На 17 мај, во рамките на фестивалот, Велешкиот театар заедно со Драмски театар – Пловдив ја изведе претставата „Без крв“ од Алесандро Барико, сценска адаптација на Александар Секулов, а во режија на Диана Добрева. Нашите културни амбасадори, актерите Васил Зафирчев, Кети Борисовска, Исидор Јованоски и Филип Христовски, како и композиторот Сашко Костов, со успех се претставија пред публиката во Националниот театар во Будимпешта, по што беа наградени со долготрајни и бурни аплаузи.
Претставата е дел од двегодишниот меѓународен проект „Манифест“ на Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ Велес и Драмскиот театар – Пловдив, Бугарија. Фото: ФБ Театар Велес