„Ифигенија за ништо“ на Драмски театар Скопје триумфираше на 22. издание на интернационалниот фестивал на античка драма ИФАД „Стоби 2025“ со три награди: за најдобра претстава, за режија и за женска улога. Одлуката едногласно беше донесена од жирито во состав Јордан Витанов, Кристина Атанасова-Арсова и Фаик Мефаилоски.
Во образложението за највисокото признание на фестивалот, наградата за најдобра претстава, жири-комисијата истакна дека „Ифигенија за ништо“ на Драмски театар Скопје се издвојува со силната концептуална визија, која ја претвора античката трагедија во современ политички и егзистенцијален коментар.
– Преку минималистички, но прецизно изграден сценски јазик, „Ифигенија за ништо“ создава длабоко емотивно и интелектуално искуство што ја поврзува митологијата со реалноста на денешниот човек – се вели во образложението.
Награда доби и режисерот на претставата, Филип Петковски, со образложение дека тој создава моќен визуелен и звучен универзум во кој трагедијата се движи меѓу древното и модерното.
– Неговата режија е суптилна, но впечатлива – вешто балансира меѓу симболиката и човечката драма, овозможувајќи им на актерите и публиката да доживеат вистинска катарза – стои во одлуката.

Наградата за најдобра женска улога, пак, ѝ е доделена на првенката на Драмски театар Скопје, Јелена Жугиќ, за улогата на Клитемнестра во претставата „Ифигенија за ништо“.
Во одлуката на жирито се истакнува дека со моќна енергија и со прецизна емоционална контрола, Жугиќ создава потресна Клитемнестра – мајка и жена што се бори меѓу љубовта, болката и одмаздата.
– Нејзината изведба е пример за актерска посветеност и за сценска присутност што го држи вниманието до последниот миг – посочува жирито.
На фестивалот „Стоби 2025“, наградата за најдобра машка улога ја доби Марко Трајковиќ, за насловната улога во претставата „Калигула“ на Кумановскиот театар.
– Трајковиќ ја толкува сложената фигура на Калигула со извонредна психолошка длабочина и интензитет. Неговиот настап ја открива тенката линија меѓу лудилото и апсолутната моќ, претворајќи ја класичната драма во живо, современо размислување за човековата природа и за општествените механизми на контрола – се вели во одлуката.
Фестивалот „ Стоби“ уште еднаш покажа дека античката драма е бескрајно актуелна и дека новите генерации театарски творци умеат да ѝ дадат свеж, силен и човечки глас.
Инаку, фестивалот „Стоби 2025“ се одржа од 29 октомври до 5 ноември, на големата сцена на театарот „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ во Велес, а публиката имаше можност да види пет претстави. Фестивалот беше отворен со претставата „Агамемнон – кругот на крвта“ во изведба на „New york La Mama Experimental theatre club“ од Њујорк, САД, a завесата беше спуштена со претставата „Лекција“ на театарот од Штип, кој работи во рамките на НУЦК „Ацо Шопов“. Дел од фестивалот беше и претставата „Нешто големо“ на Accademia Mediterranea Dell’Attore од Италија.












