Триумф на „европскиот Трамп“ на претседателските избори во Романија

100

Романскиот опозициски десничарски политичар и евроскептик Георге Симион извојува убедлива победа во првиот круг од претседателските избори, според резултатите со речиси 100 проценти од гласовите, објави денес Ројтерс.

Според резултатите од 99,6 проценти од гласачките места, Симион освоил 40,6 проценти од гласовите, а по него следува градоначалникот на Букурешт, Никусор Дан, кој ја добил довербата на 21 процент од гласачите.

Симеон и Дан ќе се сретнат на 18 мај во вториот круг од претседателските избори, што аналитичарите го гледаат како тест за подемот на национализмот на Трамп во Европската Унија.

Претседателските избори во Романија беа повторени откако Уставниот суд ги поништи изборите во ноември минатата година поради наводно руско влијание.

Романските власти потоа ја обвинија Русија за влијание врз резултатот од изборите преку сајбер напади и социјалната мрежа ТикТок, додека десничарите, чиј кандидат освои најмногу гласови во првиот круг, ја осудија одлуката на Уставниот суд и ја окарактеризираа како „државен удар“.

Обожавател на Трамп

Симион се вклучил во активизам додека бил студент и бил многу активен на уличните протести залагајќи се за обединување на Романија и Молдавија. Тој ја основа својата партија, Алијанса за Романија, во 2019 година по неуспешниот обид да стане независен член на Европскиот парламент.

Георге често носи црвени капи со ликот на Доналд Трамп на нив и ја опишува својата политичка ориентација како „трампист“. По минатогодишните парламентарни избори, неговата партија го држи вториот најголем број места во Парламентот.

Многу од политичките ставови на неговата партија се совпаѓаат со оние што ги промовира движењето „MAGA“ на Трамп, од социјален конзервативизам до застапување на целосно запирање на помошта за Украина.

Поддршката за неговата партија драматично се зголеми за време на пандемијата на коронавирусот, кога неговата партија се спротивстави на владините мерки за ограничување на ширењето на вирусот, а исто така ширеше теории на заговор за вакцините на социјалните медиуми.

Во 2024 година, на Георге му беше забранет влез во Украина во траење од три години поради она што официјален Киев го нарече „системски антиукраински активности“. Тој, сепак, негира дека е антиукраински или проруски настроен, нарекувајќи се себеси „проромански“ политичар.

ИЗДВОЕНИ