Трипуновски: Нема никаква опасност по ИПАРД средствата, случајот со директорот на АПЗРР да се истражи докрај

22

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски апелира случајот со директорот на Агенцијата за поддршка на земјоделството и руралниот развој да се истражи докрај.

Овој случај, според Трипуновски, е показател дека законите важат подеднакво и за сегашни и за поранешни функционери. Според Трипуновски, нема никаква загрозеност по ИПАРД средствата ниту по националните плаќања што ги имаме како држава.

– Владата покажува неселективна борба против корупцијата и злоупотребата на службената положба. Ваквите случаи во минатото не се случуваа, некако претходната власт сакаше да го затскрие секој криминал. Под притисок на јавноста можеби ќе се преземеше некаков активност, повеќе шминка отколку дела. Ги охрабрувам надлежните институции да го истражат целиот случај до крај, затоа што само на тој начин ќе можеме да превенираме некакви идни дејствија во иднина. Воедно, ги повикувам сите граѓани, без разлика дали се правни или физички лица, доколку имаат индиции за вакви случаи, да ги пријават затоа што само на тој начин можеме да делуваме на некакви девијантни или противзаконски дејствија – изјави денеска Трипуновски.

Во врска со барањето на опозицијата за негова оставка од функцијата министер, Трипуновски вели дека не гледа никаква поврзаност.

– Сакам да потенцирам дека Агенцијата е посебна институција, која има посебен менаџмент, посебно управувачко тело, така што не гледам никаква поврзаност. Затоа апелирам овој случај да се истражи докрај и доколку има одговорност да се делува согласно законот – рече Трипуновски.

Директорот на Агенцијата за поддршка на земјоделството Илија Стоилев беше фатен како прима мито од 400 евра од ветени 50.000 евра за да потпише документ, со кој ќе обезбеди користење на финансиски средства од ИПАРД програмата на фирма која не ги исполнува условите.

Трипуновски додава дека нема никаква загрозеност по ИПАРД средствата, ниту по националните плаќања што ги имаме како држава.

Пратеникот на СДСМ Љупчо Николовски денеска рече дека поради корупцискиот скандал се во ризик 128 милиони евра од  ИПАРД програмата.

– Овој скандал, според информациите коишто ги имаме, веќе има најава и можно е Европската Унија да ги стопира финансирањата во ИПАРД-3 програмата од Европската комисија. Во ризик се ставени 128 милиони евра од целата 7 годишна програма, пари кои требаше да бидат двигател на нашето земјоделство. Тоа значи дека нема повеќе нови повици, најавите за новите повици не можат да се отворат, нема нови договори коишто ќе бидат склучени, но исто така и нема исплати за проектите коишто тековно се финансираат. Илјадници земјоделци и агробизнисмени кои ги имаат планирано своите инвестиции на основа на овие средства или веќе реализираат инвестиции, сега се соочуваат со неизвесност, ризик и страв да не ги изгубат овие вложувања – рече Николовски.

ИЗДВОЕНИ