Трипуновски: Не чувствувам одговорност и нема да поднесам оставка, бледи се обидите на опозицијата да ме инволвира во случај за криминал

39

Веднаш по онаа акција која се случи во четвртокот, каде беа приведени повеќе лица вклучувајќи го и директорот, нашиот национален механизам е на стопирање на дел од исплатата на ИПАРД средствата. Тоа е наша брза реакција за да провериме што во суштина се случувало во самата агенција, изјави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски во интервју за Канал 5 телевизија.

Трипуновски во интервјуто изјави дека не чувстува одговорност за случајот и оти нема да поднесе оставка, а обвинувањата од СДСМ ги оцени како бледи обиди на опозицијата да го иновливира во случај за криминал.

„Значи тука елиминирам секаква поврзаност на Платежната агенција со Министерството. Вие знаете дека Платежната агенција работи согласно акредитирани мерки, согласно насоките од Брисел, согласно процедури, управувани од директор со свој менаџерски тим. Така што сите процеси коишто се внатре во Платежната агенција се водени од самата Агенција и тука се бледи нападите на опозицијата да го врзат Министерството со Платежната агенција. Тоа што го прават е повеќе за политички поени и видливост во јавноста“, рече тој.

Говорејќи за конкретниот случај, во кој меѓу петмината осомничени за давање и примање мито, е директорот на Платежната агенција, Трипуновски наведува дека „одговорност во моментот треба да даде тој што фатен на дело за злоупотреба и прекрушување на законите“.

„И мислам дека таму ќе се води истрагата до крај, апелирам да биде до крај и сите коишто се евентуално инволвирани во целиот случај да одговараат. Само на тој начин ќе стопираме негативни тенденции, прекршување на закони и девијантни однесувања. Јас како ресорен министер ќе продолжам да се борам ваквите случаи да се санкционираат во целост. Само на тој начин ќе можеме да градиме доверба во институциите, што во минатото го немаше“,

Според Трипуновски, случајот со директорот на Платежната агенција, кој на функцијата беше поставен како кадар на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, покажал дека Владата спроведува неселективна борба против криминалот, без разлика надали станува збор за актуелен или поранешен функционер.

Министерот упати апел до секој граѓанин кој има информации за некој друг случај со злоупотреба на средства од програмата ИПАРД веднаш да алармира, за да можат надлежните да постапат.

 

ИЗДВОЕНИ