Над 650 овоштари пријавиле во надлежните комисии оштетување на родот од ниските утрински температури во Градско и во Росоман. Најмногу, 570, пријави до општинските комисии пристигнале од овоштарите од Росоман, а 77 од Градско. Пролетните мразови ги уништија овошките, кои беа во фаза на цветање. Проценките се дека ќе има намалување на родот за над 80 отсто.
Министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски, пред еден месец ги повика овоштарите да ги пријават настанатите штети од ниските температури, општинските комисии навремено да ги сработат сите барања и процени направени на терен. Најави дека Владата ќе излезе во пресрет и ќе ги обесштети сите што претрпеле штета од годинашните пролетни ниски температури. По последното невреме што се случи таму, во комуникација се со градоначалникот и со локалната администрација.
– Ќе извршам увид и лично ќе ја процениме состојбата од невремето што го зафати овој дел од Општината – истакна министерот.
Тој напомена дека е информиран од градоначалникот оти веќе се формирани комисии за процена на штета.
-Тука морам да кажам дека Министерството со стручни луѓе од Подрачната единица учествува во овие Комисии се со цел проценката да се изработи стручно, појасни министерот.
Тој информира дека тече Јавниот повик за пријавување на штета, првичните барања веќе се пристигнати.
-Деновиве, Комисиите ќе излезат на терен нема да го чекаат крајниот рок до 20-ти мај кога треба да заврши повикот за пријавување на штети, се со цел да направиме благовремена процена на штетата која што е причинета, затоа што се работи за раноградинарски производи. Треба да излеземе во пресрет на земјоделците, побргу да ја направиме проценката, за да се обноват површините кои што се зафатени, посочи Трипуновски.
Тој рече дека по завршување на целата проценка, согласно изработка на збирниот елаборат, ќе биде доставено до второстепена комисија на Владата, понатаму на Влада ќе се одлучи за висината на проценката.