Трипуновски: Исплатени се субвенции од над 407 милиони денари на околу 8.000 земјоделци

7

Исплатени се субвенции од над 407 милиони денари на околу 8.000 земјоделци. Како што рече министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски, префрлени се над 259 милиони денари на 4.143 производители за градинарски култури предадени во преработувачки капацитети. Поддршката е три денари за килограм за сите градинарски култури, освен за пиперката „куртовска капија“ за која директните плаќања се пет денари за килограм. Се работи за производствоп предадено во периодот од мај до јуни, односно од ноември до декемви 2024 година.

-Оваа мерка е клучна за поддршка на нашите градинари кои се посветени на квалитетно производство наменето за преработка, рече Трипуновски.

Министерот информира дека исплатени се и над 147 милиони денари на 3.686 земјоделци за произведено и предадено кравјо, козјо и овчо млеко.

-Поддршката е шест денари за литар кравјо и седум денари за литар овчо и козјо млеко. Исплатите се однесуваат за периодот јануари, февруари и март 2025 година. Од почеткот на мојот мандат во Министерството се исплатени над 11 милијарди денари што е доволен доказ за нашата посветеност кон земјоделството. Нашата заложба за зголемена конкурентност на домашното производство продолжува. Покажавме дека ги градиме темелите на промените и дека го вреднуваме трудот на земјоделците, подвлече Трипуновски.

Тој е дециден дека поддршката има ефект кога се исплаќа навреме.

-Минатата една година со оваа континуирана исплата, според статистиката, порасна домашното производство, но и извозот. Еден од примерите е пченицата. Жетвата заврши и согласно нашата евиденција, ожнеани се над 280 000 тони што е враќање на нормалното ниво, колку што се домашните потреби. Ова е доказ дека земјоделците гледаат партнер во Владата, потенцира министерот Трипуновски.

ИЗДВОЕНИ