Една партија, но со каква програма, колку лидери и какви овластувања? Ваква е дилемата која сега се поставува пред коалицијата „Вреди“, чии три составни партии тргнаа во процесот на спојување во единствен политички субјект. Партијата Беса, прексиноќа, го направи првиот конкретен чекор откако нејзиното Централно собрание го распушти претседателството и му даде мандат на лидерот Биљал Kасами да ги продолжи разговорите за обединување во рамки на коалицијата „Вреди“.
– Собранието на Движењето оцени дека треба да се отвори патот за структурирање на „Вреди“ и ја донесе оваа одлука врз основа на мораториумот за партиски активности од страна на субјектите што ја сочинуваат „Вреди“. Во оваа пригода, Собранието ме овласти мене како претседател да продолжам со разговорите за иднината на „Вреди“, давајќи поддршка за спојувањето во еден субјект – истакна по седницата Биљал Касами.
Се очекува вакви одлуки наскоро да донесат и останати две партии – Демократско движење и Алтернатива. Лидерот на ДД Изет Меџити, денеска, во Чаир, изјави дека силно ја поддржува акцијата на Движењето Беса.
– Го поздравувам, силно го поддржувам тоа, заедно да работиме на спојувањето, фузијата, бидејќи тоа е барање на гласачите, барање на гласачите, барање на структурите. „Вреди“ е заедничка цел и во оваа насока и се надевам дека ова ќе го следат и други субјекти во рамките на Вреди – нагласи Меџити.
Неколку опции за раководењето
Но, она што е најголема дилема е начинот на идното функционирање на обединета партија, најмногу кога се работи за раководењето со неа. Билал Касами вели дека има неколку опции на дискусија.
– Не би сакал да кажам да или не. Сигурно дека доколку заеднички процениме дека јас би требало да преземам некоја обврска, јас сум подготвен – посочи Касами.
Меџити, пак, рече дека се дискутира за неколку начини на лидерство.
– Не сме фокусирани на персонални решенија за идниот лидер. Прво сакаме да изградиме платформа, идеолошки структури, и потоа ќе дојдеме и до тоа. Има повеќе креативни идеи – ротација, копретседателство или модел со еден глас за секој независен член. Идејата за копретседавачите е една од креативните идеи. Се дебатира Сето ова се дебатира за да се донесе најдобар модел – рече Меџити.
Изборот на одреден модел во раководењето, извесно, нови и прашање како сето тоа ќе функционира во пракса. Политичките аналитичари сметаат дека идејата за обединување е добра но тешко остварлива.
– Идејата за обединување е добра, но тешко остварлива. Засега „Вреди“ е една политичка композиција, чија главна цел беше да се победи ДУИ и да се отстрани од власта. Сега кога веќе ја нема ДУИ како мобилизатор, секоја партија функционира како посебна, често во судир меѓу себе. „Вреди“ како коалиција е на сите партии, но одговорноста за нереализираните заложби е ничија. Затоа се бара обединување за да се знае, народски кажано, кој каде кој пие и кој плаќа – наведува аналитичарот Џелал Незири во изјавата за весникот ВЕЧЕР.
Кој ги избира министрите?
Од друга страна, прашање е и дали трансформацијата на „Вреди“ во единствена партија може да предизвика и промени во односите во владината коалиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Изминативе денови, во владиното седиште се случија тензии по внатрешните барања во Беса за смена на министерот за социјална политика Фатмир Лимани кој е нивен сопартиец, но и за смена на министерот за правда Игор Филков од редовите на ЗНАМ. Меѓутоа, ваквите барања најдоа на категоричен отпор од страна на премиерот Христијан Мицкоски.
Но, од Беса, сепак, најавуваат дека ќе прават анализа на учинокот на нивните министри бидејќи се смета дека партијата има капацитет за многу повеќе работа, отколку што е сработено досега.
Министерот Лимани, пак, рече дека за неговиот опстанок решавачки ќе бидат резултатите.
– Работата што сум ја извршил за овие 16/17 месеци, вработувањата и ред други работи и проекти кои се направени во полза на народот и нашата држава, тоа ќе одлучува. Не треба да создаваме простор за други структури да станат дел од Владата – истакна Лимани.
Оттаму и прашањето што е вистинскиот мотив на Билал Касами во однос на министерот Лимани?
– Намерата е да се воспостави контрола врз функционерите на Беса, кои треба да дадат отчет кај партијата, а не кај премиерот. Веќе долго време Лимани не се гледа како дел од Беса, така што ова се очекуваше да се случи. Лимани веќе се смета како значајна фигура внатре во „Вреди“ и најверојатно отсега ќе биде помотивиран да работи во нејзино прераснување во една политичка партија, најверојатно без Беса – наведува аналитичарот Незири.
Што ќе се случува натаму со владината коалиција, останува да се види. Очигледно, следува период на тестирање во кој ќе се види дали премиерот Мицкоски и натаму ќе го задржи министерот Лимани или, пак, обединета коалиција „Вреди“ ќе биде се посилна во барањата за министерски промени по нејзините ставови и потреби?
– Точно е дека Мицкоски е премиер, но владата е коалициона. Секаде во коалициони влади, кадровските решенија се на партиите, кои имаат сила да менуваат или да назначуваат функционери, а Владата и нејзините политики се координирани од премиерот. Значи, премиерот не е цар, туку претседател на коалициона влада составена од неколку политички партии. Зошто Мицкоски не го дава Лимани, одговорот треба да се најде во основниот договор меѓу ВМРО-ДПМНЕ и „Вреди“ за влада, каде што улогата на Лимани била клучна – наведува аналитичарот Џелел Незири. (Б. Ѓ.)












