Тринаесет милиони луѓе се невработени во земјите од ЕУ: Најкритично во Шпанија и во Франција

29
Фото:википедија

Сезонски прилагодената стапка на невработеност во еврозоната се зголеми во август од рекордно ниското ниво во јули од 6,2 проценти на 6,3 проценти, објави „Евростат“.

Бројот на невработени лица во еврозоната се зголеми за 11.000 месечно и достигна вкупно 10,8 милиони, се додава во извештајот.

Невработеноста кај младите (под 25 години) во еврозоната во август изнесуваше 14 проценти, исто како и во јули, според ревидираните податоци.
На ниво на Европската унија, стапката на невработеност беше 5,9 проценти и непроменета од јули.

Вкупниот број на невработени лица во Европската унија се проценува на 13 милиони, од кои 10,8 милиони се во еврозоната.

Меѓу најголемите економии во еврозоната, највисоките стапки на невработеност продолжуваат да бидат во Шпанија со 10,3 проценти, Франција со 7,5 проценти и Италија со шест проценти, додека Германија со 3,7 проценти и Холандија со 3,9 проценти ги регистрираа најниските стапки, според веб-страницата на Евростат.

Стапката на невработеност кај жените во еврозоната за август изнесуваше 6,4 проценти и 6,1 процент кај мажите, исто како и во јули.

Според дефиницијата на Меѓународната организација на трудот (МОТ), невработени лица се сметаат оние кои активно барале работа во претходните четири недели и се достапни да започнат со работа во следните две недели, што е критериумот што го користи Евростат.

ИЗДВОЕНИ