Тринаесет болни деца од Газа ќе се лекуваат во Шпанија

172

Тринаесет болни деца од Појасот Газа и нивните семејства ќе бидат транспортирани во Шпанија со медицински опремен воен авион од Јордан за да добијат лекување во шпанските болници, изјави денес министерката за одбрана Маргарита Роблес, пренесоа агенциите.

„Ја финализираме медицинската опрема за авионот А-400 што ќе лета до Аман за да ги донесе болните деца и нивните семејства од Газа, по што тие ќе добијат лекување во шпанските болници“, изјави министерката за новинарите.

Авионот требаше да полета за Аман подоцна во текот на денот.

Ова не би било прв пат Шпанија, една од европските земји кои се најкритични кон израелската офанзива во Газа, да прима болни деца од Газа од почетокот на сегашниот конфликт меѓу Израел и палестинското исламистичко движење Хамас.

„Ситуацијата во Газа е апсолутно ужасна, нивото на суровост што го покажа (израелскиот премиер Бенјамин) Нетанјаху е целосно неприфатливо и мислам дека меѓународната заедница мора да реагира“, рече Роблес.

Шпанската влада, предводена од социјалистот Педро Санчез, веќе објави во понеделникот дека оваа недела ќе достави 12 тони храна во Појасот Газа.

ИЗДВОЕНИ