Тримесечен притвор за сопственикот на барот во Кран-Монтана

13
EPA/JEAN-CHRISTOPHE BOTT

Кантоналниот суд на кантонот Вале во Швајцарија денес одреди тримесечен притвор со можност за продолжување за сопственикот на луксузен бар во хотелот „Констелејшн“ во познатиот скијачки центар Кран-Монтана, каде што 40 лица загинаа во пожар на новогодишната ноќ.

Тој претходно за време на истрагата изјави дека вратата наменета за евакуација на гостите била заклучена одвнатре во моментот на пожарот.

Прелиминарните наоди укажуваат дека пожарот е предизвикан од контакт на прскалката со звучноизолациона пена инсталирана на таванот од подрумот на објектот.

Покрај причината за пожарот, истрагата испитува и дали во објектот имало достапни противпожарни апарати и дали излезите од барот биле во согласност со важечките безбедносни прописи, пренесува Танјуг.

Во врска со присуството на малолетници, сопственикот изјави дека во барот има забрана за влез за лица под 16 години, додека на гостите на возраст од 16 до 18 години им е дозволено да влезат само ако се во придружба на возрасно лице. Тој додаде дека дал јасни упатства до обезбедувањето, но дека е можно да имало пропусти во нивното спроведување.

Сопственикот на барот и уште едно лице се осомничени за кривични дела убиство од небрежност, телесна повреда од небрежност и предизвикување пожар од небрежност.

ИЗДВОЕНИ