Велшанецот Марк Вилијамс важи за еден од најдобрите снукер играчи на денешницата, за што најдобро зборува финалето на Светското првенство, во кое беше изненадувачки поразен од Кинезот Синтонг Жао. Сепак, влезе во историјата на овој спорт, станувајќи најстариот финалист досега, на 50-годишна возраст. Трикратниот шампион од 2000, 2003 и од 2018 година сега откри дека бил речиси слеп во финалето.

  • Добро е што ги победив речиси сите бидејќи сум полуслеп. Сè ми е матно и ситуацијата се влошува – изјави 50-годишниот Велшанец по финалето и победата на Жао.

Тоа, очигледно, му претставувало проблем во финалето, во кое загуби со 18:12.

На почетокот од турнирот беше подобар од Кинезот Ву Џице со 10:8, потоа го победи Хосеин Вафеи од Иран со 13:10, а потоа, во вистинска класика, славеше над Џон Хигинс со 13:12. Во полуфиналето го победи Џад Трамп и тоа беше крај на победничката серија, бидејќи не можеше ништо против Синтонг Жао.

  • Дојдов тука надвор од посакуваната форма, ги загубив првите рунди на некои претходни турнири и не бев премногу загрижен. Работев од осум и пол наутро секој ден. Се обидував со тренерот да се подобрам, да играм со контактни леќи… Навистина имав проблеми со очите на последните неколку турнири и пробав сè што е во моја можност. На крајот, го оставив тренерот да одлучи бидејќи тој знае кога играм добро, а кога не и рече дека е подобро за мене да играм без леќи. Ја закажав промената на леќите за 12 јуни, дадов депозит, но сега, кога размислувам за тоа, сакам да ми ги вратат парите – заврши Вилијамс.

 

ИЗДВОЕНИ