ТРИЕСЕТИНА ДЕНА ПРЕД ЛОКАЛНИТЕ ИЗБОРИ, АТМОСФЕРАТА НА ПАТ КОН ВРИЕЊЕ: Кампањата од црна станува уште поцрна

98

Почна со навреди и тешки зборови, а така и продолжува и станува од црна поцрна. Ваков опис заслужува предвремено започната изборна кампања за локалните избори, која сè поинтензивно ја водат партиите, нивните лидери, кандидати… Практично, сè е ставено во функција на кампањата: од ветувања за нови проекти и дискредитација на политичките противници, па сè до серијата пожари што ѝ се случија на земјава, убиства како резултат на насилството врз жените и одбележување на шест месеци од кочанската трагедија и ужас што однесе 62 млади животи. Сè е повод да се кажат тешки зборови, да се обвини другата страна дека е виновна и дека е сторител на ужасните чинови, со цел да се придобијат граѓаните за на 19 октомври да се добие глас повеќе.

Јавноста деновиве беше вџашена од морбидноста до која е дојдено во кампањата, кога на прекуноќ создадена веб-страница се појавија окрвавени ликовите на премиерот Христијан Мицкоски, на министерот за внатрешни работи – Панче Тошковски и на директорот на Бирото за јавна безбедност – Александар Јанев. Истовремено со морбидните фотографии, беше наведено дека тие се „убијците на Кочани“ и дека се одговорни за смртта на децата во тој град. Владејачката партија, ВМРО-ДПМНЕ, веднаш ги обвини најголемата опозициска партија, СДСМ, и нејзиниот лидер дека стојат зад монструозните фотомонтажи што се појавија на социјалните мрежи.

– Наместо да се занимаваат со проекти, тие се занимаваат со подметнување пожари и со повици за убиство на премиер, министер за внатрешни и на директор на јавна безбедност. Итно Филипче да се огради од овие фотомонтажи, инаку се потврдува тезата дека тој лично стои зад ова – соопшти оваа партија.

Следуваше и одговор од СДСМ, со кој се најави поднесување кривична пријава „за морбидната кампања на ВМРО-ДПМНЕ“.

– Бараме ВМРО-ДПМНЕ да се извини за искажаните лаги и за обидот за манипулација, бараме од институциите веднаш да ја проверат сопственоста на интернет-страницата. СДСМ бара извинување и ќе поднесе кривична пријава за пронаоѓање и казнување на креаторите на оваа морбидна кампања – одговорија од оваа партија.

Но, не е само ваквата монструозност она што ги следи изборните активности. Тие сега само се надополнуваат со сè потешки зборови откако, пред неколку недели, власта и опозицијата разменуваа квалификации како „измеќари, предавници, овчари, бугаризатори…“, со што се најави дека ќе биде отстранета позитивната реторика од настапите. Комуникологот Сеад Џигал вели за весникот ВЕЧЕР дека сето ова е само навестување дека ќе гледаме уште побескрупулозна кампања.

– Ако денот по утрото се познава, веројатно, може да се очекува сѐ поинтензивна и бескрупулозна кампања, во која ќе доминираат агресивни пораки, негативен ПР, лични напади, навреди, а, можеби, и разни компромитирачки снимки, како што беше случај тоа и на претходните неколку избори. Во отсуство на подобри регулаторни механизми и со медиуми што се длабоко политизирани, веројатноста од валкана и поларизирачка кампања е особено висока – потенцира Џигал.

На линија на ова очекување одат и серијата тешки квалификации со кои се расправаа власта и опозицијата околу причините за избувнувањето на серијата пожари во земјава, а кои многу ги вознемирија и растревожија граѓаните. Првиот човек на Владата, Мицкоски, веднаш го впери прстот кон опозицијата како подметнувач на пожарите.

– Кога ќе видиме нивни луѓе, озарени, како потпалуваат пожари за да има политички пожари, како живи ќе ги фатиме со огнот в раце за потоа да имаат причина за прес-конференции, сè е јасно. Опозицијата го прави тоа, бидејќи мисли дека на тој начин, со таа стратегија, ќе добие политички поени и ќе добие поддршка од граѓаните. Тие не прават ништо, тие се занимаваат со некрофилија, конструкции и со лаги, но ќе продолжат, бидејќи немаат програма, визија, идеја – порача неодамна Мицкоски.

По ова, лидерот на СДСМ, Филипче, одговори дека е цел на долготрајна црна кампања од страна на ВМРО-ДПМНЕ, нагласувајќи дека власта наместо реални резултати, нуди само дезинформации и медиумски спинови.

– Немаат што друго да прават, поради тоа што апсолутно нема никаков перформанс во Владата. Немаат со што да се пофалат, ги демонтираме во сите мерки и бројки – нагласи тој.

Истовремено, и во албанскиот политички корпус тече интензивна размена на тешки зборови. Еден од лидерите на владината коалиција „Вреди“, Изет Меџити, деновиве ја обвини ДУИ за „срамна“ коалиција со Левица.

– Тоа е сојуз на срамот и црна коалиција што претставува предавство кон Албанците и на евроатлантската ориентација на државата – обвини Меџити.

Не останаа должни ни од таборот на ДУИ.

– За жал, во оваа валкана игра, „Вреди“ се согласи да биде инструмент, дури мал инструмент на Мицкоски. Со таа вазалска улога, тие подготвуваат терен за враќање на „српскиот свет“ преку ВМРО. Но, нека знаат: со вазали не се гради ниту стабилност, ниту, пак, држава – потенцираа интегративците.

Според комуникологот Џигал, валканоста на кампањата веќе не е само метафорична.

– Валканоста на кампањите овој пат не е само метафорична туку и буквално е „збогатена“ со злоупотреби на ѓубре и на отпадоци во некакви изборни цели. Ако се задржи ова, навистина правецот во кој се движи „изборниот натпревар“ е многу погрешен, а политичката култура е сè пониска. Веројатно, граѓаните ќе бидат изложени на масовно „информациско загадување“ и ќе биде многу тешко да се разграничи што е факт, а што е производ на ПР-машинериите на партиите. Ова е навистина разочарувачки, особено поради тоа што се работи за локални избори и во општествена реалност каде што наместо идеи за своите бројни проблеми, граѓаните се принудени повторно да следат политички караници и пресметки – нагласува овој експерт по комуникологија.

Наредниот период, извесно, ќе покаже во кој правец ќе се движи изборната кампања и какви белези ќе има. По сето чуено, прашање е дали може да се врати кампањата во својата нормалност со оглед дека останува уште само малку време до денот на гласањето. Особено кога се знае дека партиите ги чуваат своите главни арсенали за дваесетдневната службена кампања, која ќе започне кон крајот на месецов. Но, со сето ова се зголемува и стравувањето од можни изборни инциденти, кои не беа реткост во минатите циклуси на гласање. (Б. Ѓ.)

Негативниот потег раѓа уште погруб одговор

Комуникологот Џигал наведува дека може да се запре валканата кампања, но дека тоа бара многу напор.

– Можно е да се ублажи или запре валканоста на една кампања, но тоа бара брза, координирана и искрена акција од повеќе страни, партиите, медиумите, институциите и од самата јавност. Не е лесно, особено ако веќе е во силен налет лавината на негативна реторика и дезинформации. Во ваква меѓупартиска реалност, владее логиката на „одбрана и напад“, каде што секој негативен потег раѓа уште погруб одговор. Валканата кампања не е неизбежна појава, таа може да се контролира ако постои политичка волја и општествен притисок за конкретни преземени обврски на партиите против негативни кампањи, активна позитивна улога на медиумите и на регулаторите, како и подобра граѓанска свест и медиумска писменост на гласачите – потенцира Џигал.

 

ИЗДВОЕНИ