Владата преку централниот буџет за настраданите во пожарот во Кочани обезбеди 30 милиони денари од кои кон семејствата на повредените, кои беа испратени на лекување во странство, се исплатени 11,2 милиони денари.

Дополнителна финансиска поддршка, која беше исто така координирана од Владата се исплаќа преку Црвениот крст од средствата, коишто беа собрани преку отворената линија за донации, истакна министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска на собраниска седница посветена на поставување пратенички прашања.

– Владата на Република Македонија многу брзо реагираше во оваа ситуација. Од Буџетот за настраданите се обезбедени 30 милиони денари и досега се исплатени 11,2 милиони денари за повредените во странство. Преку Црвениот крст се собрани над 100 милиони денари, активност што се спроведуваше во координација со Владата и беше во моментот единствениот најбрз можен начин да се соберат средства и да се излезе во пресрет на семејствата на настраданите. Затоа одевме со две постапки, од кои едната беше со Црвениот крст, каде што и ние сите како функционери и пратеници од владејачкото мнозинство, а и опозицијата сме донирале – рече министерката.

Таа потенцира дека покрај оваа директна поддршка дополнително се обезбедува преку ФЗОМ за лекување на повредените, кај кои има многу тешки повреди и лекувањето ќе биде долго.

Потсетувајќи на двете несреќи во Модуларната болница во Тетово и со „Дурмо турс“, рече дека за разлика од тогаш, за несреќата во Кочани е реагирано брзо, а дека во овие две несреќи не беа обезбедени средства од буџетот.

 

ИЗДВОЕНИ