Од 12 до 14 септември 2025 година, Гевгелија ќе биде домаќин на третото издание на фестивалот „Вкуси го југот“ (Taste the south). Традиционална културно-забавна манифестација за промоција на Гевгелија, која не е само обичен тридневен музички хепенинг, туку претставува своевидна фузија на традицијата, културата и забавата, и тоа во повеќе сегменти. Годинава, фестивалот е дел од програмата за „Гевгелија град на култура“.
Под покровителство на Општина Гевгелија, и годинава најјужниот град во Македонија три дена ќе пулсира и ќе живее во духот на она што југот го има како традиција во гастрономската понуда, на подготовка на домашни специјалитети по традиционални рецепти. Правењето на надалеку познатиот ајвар, слаткото од гевгелиски смокви, печењето и подготовката на мастика по оригинални домашни рецепти ќе бидат само дел од предвидените активности преку кои бројните посетители од земјата, но и мноштвото гости од странство, ќе можат да го почувствуваат и да се насладуваат на автентичниот „вкус на југот“ на Македонија.
Сето ова ќе биде придружено со бројни штандови на познатите конзервни индустрии кои ќе ги понудат своите производи, а локалните ресторани и кафулињата ќе им го пружат традиционалното гостопримство и ќе ги услужат посетителите и гостите, кои и годинава се очекува во огромен број да бидат присутни на манифестацијата која во три дена ќе се одржи на истата локација како и минатата година, кај Градскиот пазар во Гевгелија (улица „Сава Михајлов“).
Во нејзините содржини е предвидена и богата културно-уметничка и едукативна програма која ќе ја збогатат културно-уметнички друштва и фолк-ансамбли и солисти. Тука се школите за тапани, за гитара, за танци, фестивалот „Калинка“ и уште многу други, разновидни содржини за сите вкусови и возрасти. Секако, вечерните настапи и концерти на мноштвото млади и внимателно направен избор од најпознати македонски етно, поп и рок-пејачки ѕвезди и бендови се најатрактивниот дел од програмата, во кои ќе кулминира забавата исполнета со содржини за сите генерации.
Програмата започнува на 12 септември со настапите на: КУД „Танец“ од Миравци, Емилија Николовска и Димитар Ангoв, ансамблот „Гевгелиски мелос“, групата „Љубојна“, бендот „Панта реи“ и пејачката Дани.
Сè на сè, Гевгелија во тие три дена ќе има што да се види, слушне и вкуси. Ќе биде градот во кој спојот на традицијата, културата и забавата ќе доминираат во Македонија.